Davit Kachkachishvili
08 Ноември 2022•Ажурирај: 09 Ноември 2022
КИЕВ (АА) - Руските сили извршија напади во над 50 населени места во Украина, изјави синоќа украинскиот претседател Владимир Зеленски, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Зеленски во своето редовно обраќање до нацијата, рече дека руските војници продолжуваат со нападите на различни региони во земјата, но дека Украина возвраќа и постепено оди напред.
„Одговараме насекаде. Ги имаме потребните резултати, а соборен е уште еден руски авион. Се разбира, украинскиот воздушен простор не е целосно безбеден, но напредуваме“, рече Зеленски, и додаде дека Украина добила нови системи кои значително ќе ја зајакнат украинската воздушна одбрана.
Напоменувајќи дека на фронтот, украинските сили се во „состојба на активна одбрана“, Зеленски рече дека во некои делови на истокот и на југот тие „постепено го потиснуваат непријателот“.
Украинскиот претседател им се обрати и на руските војници кои се борат против Украина, повикувајќи ги да ги спасат своите животи и да се предадат на украинската војска.
Зеленски, исто така, рече дека пет стратешки украински компании се ставени под државна контрола со цел да се задоволат потребите во услови на војна - „Мотор сич“, „КрАз“, „Укрнафта“, „Укрататнафта“ и „Запорожтрансформатор“,
Тој, исто така, рече дека имал „важно меѓународно обраќање“ на конференцијата за климатски промени на Обединетите нации КОП27.
„Секој кој е сериозен за климатскиот план, исто така треба да биде сериозен и за потребата веднаш да се запре руската агресија, да се врати нашиот територијален интегритет и да се принуди Русија на вистински мировни преговори“, порача Зеленски.