Zehra Nur Düz
17 Март 2022•Ажурирај: 17 Март 2022
АНКАРА (АА) - Украинскиот претседател Владимир Зеленски доцна синоќа ја повтори важноста на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во услови на тековните мировни преговори со Русија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Моите приоритети во преговорите се апсолутно јасни, крај на војната, безбедносни гаранции, суверенитет, враќање на територијалниот интегритет, реални гаранции за нашата земја, вистинска заштита за нашата земја“, порача Зеленски во видеопорака објавена од Претседателството на Украина.
Зеленски, исто така, ги повика руските војници да го положат оружјето за да добијат шанса да преживеат.
„Положете го оружјето. Подобро е од умирање на бојното поле во нашата земја“, рече тој.
Истакнувајќи дека Русија продолжува да врши воени злосторства во Украина, Зеленски рече: „Руската економија сѐ уште е во можност да ја одржува својата воена машина.“
„Светот мора конечно официјално да препознае дека Русија стана терористичка земја“, рече тој.
Зеленски ја повика меѓународната заедница да воведе нови санкции против Русија и да обезбеди поголема поддршка за Украина за да ја запре руската окупација на земјата.
Војната на Русија против Украина, која започна на 24 февруари, наиде на меѓународна осуда, доведе до финансиски санкции кон Москва и поттикна истапување на светски фирми од Русија.
Најмалку 726 цивили загинаа, а 1.174 се повредени во Украина од почетокот на војната, според ОН. Истовремено се истакнува дека условите на теренот ја отежнуваат проверката на вистинската бројка.
Повеќе од 3 милиони бегалци пребегале во соседните земји, според Агенцијата за бегалци на ОН.