Ekip
03 Јули 2019•Ажурирај: 04 Јули 2019
ЛОНДОН (АА) - Властите на Германија, Франција, Велика Британија и Европската Унија ги повикаа властите на Иран да се откажат од намерата за надминување на количината на збогатен ураниум, која е договорена со нуклеарниот договор од 2015 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Шефовите на дипломатијата на Велика Британија, Франција и Германија и претставниците на ЕУ во заедничко соопштение изразија загриженост поради неодамнешните вести дека Иран ја надминал границата од дозволени 300 килограми збогатен ураниум.
„Бевме јасни и концизни во ставот дека нашата приврзаност до договорот зависи од целосно придржување на иранската страна. Жалиме поради оваа иранска одлука, која го поставува прашањето за клучниот инструмент за неширење на нуклеарното оружје“, се наведува во соопштението.
Иран на 8 мај им даде двомесечен рок на европските партнери за зачувување на Договорот за нуклеарното прашање од 2015 година. Во понеделникот, од Техеран е соопштено дека Иран ја надминал границата за складираниот збогатен ураниум.
Истовремено, шефот на руската диломатија, Сергеј Лавров, вчера ги повика властите на Иран при дејствувањето да не се раководат од емоциите и да ги почитуваат основните одредби од меѓународниот Договор за нуклеарното прашање од 2015 година.
„САД воведоа нов пакет санкции со кои се забранува од Иран да се купува вишокот збогатен ураниум. Така САД на членките на ОН им забранија имплементација на претходната одлука на Советот за безбедност на ОН. Тоа е причината за оваа ситуација“, изјави Лавров.
Лавров ги повика и европските земји да ги испочитуваат ветувањата во врска со активирањето на Инструментот за поддршка на трговската размена (INSTEX).
Водечките сили на Европската Унија на почетокот на годината го воспоставија ИНСТЕКС (INSTEX), новиот механизам, со цел продолжување на трговската соработка со Иран и избегнување на американските санкции кон таа земја.
На сите членки на ЕУ ќе им бидат отворени вратите на ИНСТЕКС, а управувачките органи ќе ги именуваат Франција, Германија и Велика Британија, кои со Русија, Кина и САД се потписнички на меѓународниот договор со Иран.