Ata Ufuk Şeker
09 Септември 2022•Ажурирај: 10 Септември 2022
БРИСЕЛ (АА) - Пашал Донохо, претседателот на Еврогрупата и ирски министер за финансии, истакнувајќи дека цените на енергијата се зголемени поради војната и дека тоа претставува предизвик за Европа, рече дека постои одлучност за негово надминување, јавува Агенција Анадолија (АА).
Донохо и претседателката на Европската централна банка (ECB), Кристин Лагард, на крајот од состанокот на министрите за финансии на земјите членки на Европската Унија (ЕУ) во Прага, главниот град на Чешката Република, дадоа изјави за медиумите.
Посочувајќи дека се свесни дека домаќинствата и бизнисите се загрижени поради рапидно растечките сметки за енергија, Донохо рече дека работат на ефикасен и постојан одговор на енергетската криза.
„Решени сме да го надминеме овој предизвик“, рече Донохо, додавајќи дека цените на енергијата се зголемени поради војната и дека тоа претставува предизвик за Европа.
Информирајќи дека ќе ги поддржат домаќинствата и бизнисите кои се соочуваат со ценовни шокови, Донохо рече: „Свесни сме за потребата да се намали инфлацијата. Согласни сме за чекорите што треба да се преземат против тоа.“
Донохо истакна дека нивните интервенции против инфлацијата ќе бидат координирани со монетарната политика на Европската централна банка и порача: „Ќе се стремиме да не придонесуваме на инфлацискиот притисок.“
Исто така, подвлече дека интервенциите на политиката во оваа област треба да се фокусираат на трансферите на приходите.
Додавајќи дека мнозинството луѓе страдаат од економските последици од војната, Донохо рече дека некои компании не треба да остваруваат многу високи профити и дека министрите за финансии ќе дејствуваат координирано во однос на ова прашање.
Претседателката на Европската централна банка, Лагард, истакна дека нема да дозволат инфлациските очекувања да излезат од контрола.
„Европската централна банка ќе обезбеди стабилност на цените, што е нејзин прв приоритет“, додаде Лагард.
Објаснувајќи дека Европската централна банка не може сама да спроведува мерки за намалување на сметките за гас и струја, Лагард нагласи дека сите институции на ЕУ треба да дејствуваат заедно против енергетската криза.