Mücahit Oktay
26 Јануари 2023•Ажурирај: 27 Јануари 2023
ЊУЈОРК (АА) - При истражувањата извршени во градините на црковните училишта во Канада се пронајдени 66 нови наоди, кои се сметаат за гробници, известува Агенција Анадолија (АА).
Во потрагата по необележаните гробови во една стара населба во Централна Британска Колумбија, истражувачкиот тим наиде на 66 дополнителни показатели на погребани деца при спроведувањето на последната фаза во истражувањето користејќи технички инструменти.
Истражувачката Витни Спиринг одржа прес-конференција на која соопшти дека како резултат на скенирањата направени со рендген апарат, пронашле остатоци од злосторства извршени врз деца во подрачјето на кое се наоѓал интернатот на црковното училиште Св. Џозеф.
Спиринг наведе дека во градината на католичкото училиште, покрај добиените резултати од истражувањето, благодарение на интервјуата спроведени со преживеаните и од архивските записи, откриле дека бебињата родени како резултат на сексуалното злоставување на децата во интернатот биле спалувани во подрачјето на училиштето и надвор од него.
Вили Селерс, шефот на индијанското племе Фирст Нејшн (Прва Нација), ја сподели информацијата дека следниот чекор ќе биде ексхумација на потенцијалните тела од вкупно 159 можни необележани гробници во веќе истражените подрачја.
На 18 јануари, на подрачјето на стар интернат на црковно училиште во Онтарио, Канада, беа идентификувани 171 ново место кои би можеле да бидат гробници, за кои се смета дека во нив се погребани децата кои престојувале во училиштето.
- Првите гробници се откриени во 2021 година
Кадмус Делорме, првиот шеф на индијанското племе Фирст Нејшн за округот Кауесес во покраината Саскачеван, Канада, на 24 јуни 2021 година објави дека во градината на интернатот на Црковното училиште „Мариевал“, кој бил во функција до 1990-тите, се откриени гробници со остатоци од 751 детско тело кои никаде не се заведени.
При скенирањето на подрачјата на 139 училишта на територијата на Канада, за првпат нерегистрирани детски гробови во дворот на старо црковно училиште се откриени на 29 мај 2021 година, кога беа пронајдени остатоци од 215 детски тела во дворот на училиште во градот Камлупс, во канадската покраина Британска Колумбија.
Премиерот на Канада, Џастин Трудо, во врска со пронајдените детски гробници во подрачјата на старите интернати на црковните училишта изјави дека тоа претставува „едно од најтемните поглавја во канадската историја“, што предизвика голем одек во јавноста.
- Интернатите на црквите училишта функционираа како центри за асимилација
Интернатите на црковните училишта, од кои првиот беше отворен од страна на Католичката црква во 1840 година во име на канадската Влада, а последниот беше затворен во 1997 година, влегоа во историјата како места во кои беа сместени повеќе од 150.000 домородни деца кои насилно биле одземени од своите семејства.
Поголемиот дел од домородните деца, кои биле насилно одземени од своите семејства и оддалечени од сопствената култура за да се „интегрираат“ во заедниците во кои доминирало мнозинството на белците, биле подложени на малтретирање, и покрај изложеноста на глад и студ, биле и жртви на сексуална и физичка злоупотреба, па дури биле спроведени и медицински експерименти врз некои деца.
Комисијата за вистина и помирување формирана во Канада во 2008 година има за задача да ги открие сите димензии на трагедиите направени во интернатите на црковните училишта.
Комисијата, која сослуша повеќе од 6.000 жртви кои го преживеале престојот во интернатите, по завршувањето на својата работа во 2015 година, објави извештај на 4.000 страници, опишувајќи ги настаните како „културен геноцид“.
Додека според некои извори, бројот на деца кои починале додека престојувале во интернатите на црковните училишта изнесува 4.200, во извештајот на Комисијата за вистина и помирување се наведува дека оваа бројка изнесува 5.995, бидејќи смртните случаи не биле документирани од црковните управи.