Enes Taha Ersen
11 Март 2025•Ажурирај: 12 Март 2025
Советот за американско-исламски односи (CAIR), една од најголемите групи за граѓански права на муслиманите во САД, пријави зголемување од 7,4 отсто на инцидентите на дискриминација и напади врз муслиманите по израелската војна во Газа, јавува Анадолу.
Во извештајот објавен денес за случаите од минатата година, CAIR истакна дека 2024 година го бележи најголемиот број пријави за инциденти против муслиманите и Арапите, со вкупно 8.658 случаи.
„Геноцидот во Газа, поддржан од САД, предизвика нов бран на исламофобија во САД втора година по ред“, се наведува во извештајот.
Дискриминацијата на работното место сочинува 15,4 отсто од пријавите, а следуваат проблемите поврзани со имиграцијата и азилот со 14,8 отсто.
Пријавите за дискриминација врз муслиманските и палестинските студенти сочинуваат 9,8 отсто, додека злосторствата од омраза против муслиманите и Арапите сочинуваат 7,5 отсто од случаите.
Извештајот ги посочува израелските напади врз Газа како главен фактор за зголемувањето на ваквите инциденти.
CAIR исто така истакна дека во САД е забележан пораст на исламофобијата, омраза кон Арапите, но и на антисемитизмот.
Како примери се наведуваат случаите на универзитетски професори кои дале оставка под притисок и студенти кои биле под истрага за учество во пропалестинските протести, што, според извештајот, го загрозува правото на слобода на изразување.
Еден од случаите што се нагласува во извештајот е апсењето на Махмуд Халил, постојан жител на САД и неодамнешен дипломец на Универзитетот „Колумбија“, кој помогнал во организирањето на антивоен пропалестински кампус во април 2024 година.
Во извештајот исто така се споменува смртниот случај на 6-годишно палестинско-американско дете, кое во октомври 2023 година беше избодено до смрт, а напаѓачот беше осуден за злосторство од омраза.
Во изминатите неколку години, израелската Армија редовно спроведува рации на Западниот Брег, а овие акции се интензивираа по почетокот на војната во Газа на 7 октомври 2023 година. Палестинците, исто така, се соочуваат со насилни напади од страна на нелегалните израелски доселеници.
Според палестинското Министерство за здравство, најмалку 934 Палестинци се убиени, а над 7.000 се ранети од израелската војска на окупираните територии.
Во јули 2024 година, Меѓународниот суд на правдата ја прогласи децениската израелска окупација на палестинската земја за нелегална и побара евакуација на сите постоечки населби на Западниот Брег и во Источен Ерусалим.