Ekipa
24 Декември 2019•Ажурирај: 26 Декември 2019
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелскиот тим на министри го откажа закажаниот состанок на кој требаше да се дискутира за плановите за анексија на Јорданската Долина поради одлуката на Меѓународниот кривичен суд (ICC) за истрага на израелските воени злосторства против Палестинците, објави денеска весникот „Једиот Ахронот“ (Yedioth Ahronoth), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Состанокот требаше да се одржи минатата недела, но е откажан во последен момент, откако главната обвинителка на Меѓународниот кривичен суд, Фату Бенсуда, во петокот ја соопшти намерата да го истражи израелското кршење на човековите права на Западниот Брег и Појасот Газа.
За време на изборната кампања во септември, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека доколку биде реизбран, ќе ја анектира Јорданската Долина на окупираниот Западен Брег.
„Поради одлуката на обвинителот во Хаг, прашањето за анексијата на Јорданската Долина ќе биде одложено на неодредено време“, изјави извор од израелската Влада за „Једиот Ахронот“.
Бенсуда рече дека Израел не само што не успеал да ја запре изградбата на населбите на Западниот Брег, туку и дека еврејската држава има намера да анектира и некои делови од територијата.
Израелски извори велат дека одлуката на Бенсуда ќе доведе до „долго замрзнување“ на анексијата на Јорданската Долина.
Околу 70.000 Палестинци и околу 9.500 еврејски доселеници моментално живеат во Јорданската Долина - голем, плоден појас што претставува околу една четвртина од целокупната територија на Западниот Брег.
Израел тврди дека Јорданската Долина е од витално значење за безбедноста на Израел и континуирано ја отфрла идејата за откажување од кој било дел од Јорданската Долина во која било идна спогодба со Палестинците.
Околу 650.000 израелски Евреи моментално живеат во над 100 населби изградени од 1967 година, кога Израел ги окупираше Западниот Брег и Источен Ерусалим.
Палестинците ги бараат овие теротории назад, заедно со Појасот Газа, за воспоставување идна палестинска држава.
Меѓународното право ги смета и Западниот Брег и Источен Ерусалим за окупирани територии, а сите активности за изградба на еврејски населби таму за нелегални.