Mehmet Nuri Uçar
07 Април 2024•Ажурирај: 08 Април 2024
ГАЗА (АА) - Бројкага на убиени Палестинци во нападите што Израел ги изведе врз Појасот Газа од 7. октомври 2023 година досега се зголеми на 33.175, известува Анадолу.
Во соопштението на Министерството за здравство во Газа се дадени најновите податоци за нападите на Израел врз Појасот Газа кои траат веќе 184 дена.
Министерството на палестинската енклава наведе дека Израел последните 24 часа убил 38 Палестинци, а ранил 71.
Со последните убиства, вкупната бројка на убиени Палестинци во Појасот Газа од страна на Израел изнесува 33.175, a бројката на ранети е 75.886.
Во соопштението се истакнува и дека голем број луѓе сѐ уште се затрупани под урнатините и оставени се на улиците бидејќи медицинските тимови и припадниците на цивилната заштита не можат да дојдат до нив поради израелските напади.
Израел започна смртоносна воена офанзива врз Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, училишта, верски објекти и болници по нападот на палестинската група Хамас на 7 октомври, во кој Тел Авив вели дека се убиени речиси 1.200 Израелци, но според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат израелските одбранбени сили (ИДФ), со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.
Според Обединетите нации, израелската војна принуди 85 отсто од населението на Газа внатрешно да се расели, каде што постои и акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.
По обвинението за геноцид што го поднесе Јужноафриканската Република, Меѓународниот суд на правдата на 26 јануари пресуди дека Израел мора да се воздржи од какви било активности поврзани со убивање, напади и уништување на жителите на Газа и да преземе мерки за спречување на геноцид.
И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.
Меѓународниот суд на правдата (МСП) укажа на дополнителни привремени мерки, вклучително и „непречено обезбедување“ помош за Појасот Газа, во тековната постапка за геноцид против Израел.