Anees Suheil Barghouti
24 Јули 2018•Ажурирај: 26 Јули 2018
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израел го одби предлогот на Русија за задржување на иранските сили во Сирија, на 100 километри од линијата за прекин на огнот во израелско окупираната Голанска Висорамнина, објави израелскиот дневен весник „Едиот ахронот“ (Yediot Ahronoth), пренесува Anadolu Agency (AA).
Овој предлог беше даден за време на разговорите на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, и началникот на рускиот Генералштаб, Валери Герасимов, во Ерусалим.
„Русите зборуваат за (тампон-зоната на 100 километри) и се посветени на тоа, но ние рековме дека, исто така, постои и оружје со долг дострел надвор од оваа зона и сите тие сили мора да ја напуштат Сирија“, изјави израелски официјален претставник, под услов да остане анонимен.
Официјалниот претставник сепак нагласи дека предлогот на Русија да создадат тампон-зона на 100 километри, во која нема да бидат присутни ниту иранските сили, ниту протехеранските милиции, претставува прв чекор во вистински правец.
„Израел бара отстранување од Сирија на сите ракети со долг дострел и бара затворање на сите фабрики што произведуваат прецизно водени проектили“, вели официјалниот претставник.
„Покрај тоа, Ерусалим (Кудс) побара од Москва да гарантира дека сите системи за воздушна одбрана кои ги штитат раководните проектили ќе бидат извадени од Сирија“, рече тој.
Израелскиот официјален претставник, исто така, изјави дека Тел Авив побарал затворање на граничните премини меѓу Сирија и Либан и Ирак, за да се спречи шверцување на иранско оружје во Сирија.
„Ќе продолжиме да дејствуваме против иранското присуство на сириското тло“, рече официјалниот претставник.
Израел го обвинува Техеран за експлоатирање на тековниот конфликт во Сирија, во кој Иран го поддржува владејачкиот режим на Башар ал Асад, за воспоставување трајно воено присуство во близина на израелската граница.
Додека Русија, исто така, го поддржува сирискиот режим, таа останува во близок контакт и со израелските воени официјални претставници, со цел спречување потенцијални судири.