Qays Abu Samra,Murat Tan
26 Април 2017•Ажурирај: 27 Април 2017
РАМАЛА (АА) - Палестинското Министерство за туризам и историско наследство соопшти дека израелските власти ја укинале забраната за влез на странските туристи на Западниот Брег, јавува Anadolu Agency (AA).
Во пишаното соопштение се наведува дека Канцеларијата за контрола на границите на Израел ја укинала претходната одлука за забрана за влез на странските туристи во палестинските градови.
Претходно, израелската Канцеларија за контрола на границите наложи да не се издаваат визи за странските туристи што имаат намера да ги посетат палестинските градови на Западниот Брег, а особено не на оние што сакаат да го посетат Витлеем. Таквата одлука значително го намали бројот на туристите во Палестина. Израел од 1967 година ги држи под окупација Источен Ерусалим и Западниот Брег. Во Источен Ерусалим има околу 200.000 а на Западниот Брег двојно повеќе еврејски доселеници.
Сите новоизградени еврејски населби на тоа подрачје се илегални според меѓународните норми. Израел изгради „ѕид на раздвојување“ помеѓу Западниот Брег и Ерусалим, со кој се спречува доаѓањето на Палестинците во Ерусалим. Паралелно со тоа, Израел од 2006 година ја држи под ембарго и палестинската област Газа.