Zein Khalil,Gülşen Topçu
16 Април 2024•Ажурирај: 17 Април 2024
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израел планира да постави 10.000 шатори во близина на Рафа за две недели пред копнената инвазија во Газа, јавува израелскиот јавен сервис КАН, пренесува Анадолу.
Според извештајот од понеделникот, планирано е да се постават и 30.000 дополнителни шатори во истата област, која се наоѓа јужно од Појасот Газа.
КАН во извештајот наведува и дека процесот на евакуација на Палестинците од Рафа ќе трае долго.
Во извештајот се додава дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој минатата недела изјави дека е „одреден датумот“ за копнениот напад на Рафа, го „одложил“ овој чекор.
- Рафа е местото каде што Палестинците се засолниле
Градот Рафа, кој се наоѓа јужно од Газа на границата со Египет, бил дом на околу 280.000 Палестинци пред израелските напади. Поради нападите на Израел на 7 октомври, околу 1,9 милиони луѓе беа раселени во Појасот Газа, кој има 2,3 милиони жители.
Повеќето од раселените Палестинци се засолниле во Рафа, за кој Израел претходно тврдеше дека е „безбеден“.
Со пристигнувањето од северните региони, населението на Рафа се зголеми за повеќе од четири пати, достигнувајќи 1,5 милиони.
Повеќето од Палестинците кои се засолниле во Рафа поради недостаток на доволно куќи, се борат да преживеат во кампови составени од импровизирани шатори.
Израелската Армија го гаѓа градот Рафа со чести воздушни напади. Се стравува дека доколку Израел изврши копнен напад врз градот Рафа, цивилите нема да имаат засолниште во Појасот Газа.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на 9 февруари ѝ наложи на израелската Армија и безбедносните служби „да подготват план за напад на Рафа“.