Ikrame Imane Kouachi
02 Август 2025•Ажурирај: 02 Август 2025
АНКАРА (АА) - Најмалку 22 Палестинци се убиени рано утрово во серија израелски воздушни напади и од огнено оружје низ Појасот Газа, вклучувајќи 12 лица кои чекале хуманитарна помош, јавува Анадолу.
Според медицински извори, 12 тела биле префрлени во болницата Ал-Шифа во градот Газа откако израелските сили отвориле оган врз подрачјето за дистрибуција на помош долж коридорот Нецарим.
Во градот Ал-Заваида, извршен е израелски воздушен напад врз семеен дом, при што убиени се пет члена на исто семејство, од кои три деца.
Тројца члена од исто семејство се убиени, а други повредени кога израелски дрон фрлил бомба врз шатори во кои се сместени раселени семејства во близина на Индустриската крстосница во северниот дел на Кан Јунис.
Уште две жени се убиени во напад врз шатор во северозападниот дел на Кан Јунис.
Отфрлајќи ги меѓународните повици за прекин на огнот, израелската армија спроведува брутална офанзива врз Газа од 7 октомври 2023 година, во којашто убиени се над 60.000 Палестинци, повеќето од нив жени и деца. Немилосрдното бомбардирање ја уништи енклавата и доведе до сериозен недостиг на храна и смртни случаи од глад.