Burak Dağ
02 Мај 2023•Ажурирај: 04 Мај 2023
АЛ-КУДС (ЕРУСАЛИМ) (АА) - Три ракети беа истрелани од Газа кон Израел откако палестинскиот затвореник Кадер Аднан, кој штрајкуваше со глад во изминатите 87 дена, почина во израелски затвор, соопшти денес израелската армија, пренесува Анадолу.
„Три ракети беа лансирани од Газа кон израелска територија. Ниту еден пресретнувач не беше лансиран во согласност со политиката“, се вели во соопштението.
Се додава дека ракетите паднале на отворени области и дека сирените се огласиле во јужните области на Израел.
Ова се случи по објавата за смртта на Кадер Аднан во израелски затвор.
Аднан штрајкуваше со глад 66 дена во 2012 година, 52 дена во 2015 година, 59 дена во 2018 година и 25 дена во 2021 година како одговор на притворот. Аднан го започна штрајкот со глад на 5 февруари.
Обвинет од страна на Израел дека е член на движењето Исламски џихад и дека учествувал во „антиизраелски активности“, 44-годишниот Аднан од 2012 година неколкупати бил приведен и осуден на затворски казни со „административен притвор“.
Здружението на палестинските затвореници на 23 април објави дека израелскиот воен суд го одбил неговото ослободување со кауција, иако неговата здравствена состојба се влошила.