Ahmed Asmar
09 Октомври 2023•Ажурирај: 09 Октомври 2023
АНКАРА (АА) - Израелската Армија денеска потврди дека успеала да ја врати контролата врз сите населени места во близина на границите со Газа од палестинските борци на Хамас, пренесува Анадолу.
Палестинските борци се „изолирани“ во последните неколку часа, објави „Тајмс оф Израел“, цитирајќи го портпаролот на израелската Армија, Даниел Хагари.
„Можно е сѐ уште да има 'терористи' во областите“, рече Хагари, кој беше цитиран од весникот. Сепак, тој додаде дека 15 од 24 израелски населби во близина на границите со Газа се евакуирани.
Во претходна изјава, израелската Армија процени дека меѓу 1.000 и 800 вооружени Палестинци се инфилтрирале на израелските територии во саботата наутро преку 80 празнини на границите со Газа.
Групата на отпорот Хамас со седиште во Газа ја започна операцијата „Поплава Ал Акса“ против Израел рано во саботата, истрелувајќи низа ракети. Се наведува дека ненадејниот напад бил одговор на упадот во џамијата Ал Акса во окупираниот Источен Кудс (Ерусалим) и зголеменото насилство меѓу доселениците.
Според израелското Министерство за здравство, во нападот се убиени најмалку 700 Израелци, а повеќе од 2.300 се ранети.
Како одговор, израелската Армија ја започна операцијата „Железни мечеви“ против Хамас во Појасот Газа, при што загинаа повеќе од 500 Палестинци, а беа ранети најмалку 2.751.