Ahmed Asmar
24 Ноември 2023•Ажурирај: 25 Ноември 2023
РАМАЛА (АА)
Израелската војска ги гаѓаше сите национални споменици и обележја низ палестинските градови, како што е статуата на починатиот претседател Јасер Арафат на Западниот Брег и споменикот на загинатите херои од бродот „Мави Мармара“ во Појасот Газа, во засилените воздушни и копнени напади во опколената енклава од 7 октомври, јавува Анадолу.
Додека израелската Армија спроведува рации на палестинските територии низ окупираниот Западен Брег и Газа, израелските булдожери беа специјално испратени во мисија да ги рушат националните споменици, без да се наведат видливи причини за овие чекори.
Подолу се неколку детали за овие споменици што израелската Армија ги сруши од 7 октомври.
- Споменикот на загинатите херои од бродот „Мави Мармара“
Израелската Армија го уништи Споменикот на загинатите херои од бродот „Мави Мармара“ во пристаништето во градот Газа на 16 ноември.
Споменикот е изграден во спомен на 10-те турски херои кои беа убиени од израелската Армија на 10 мај 2010 година, додека група бродови предводени од бродот „Мави Мармара“ пловеа кон Газа за да достават хуманитарна помош до луѓето во опколената палестинска енклава.
Израел спроведува немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, станбени објекти, џамии, цркви и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7. октомври. Во израелските бомбардирања загинаа околу 15.000 Палестинци.
- Скулптура „Коњот на Џенин“
Израелската Армија, исто така, ја уништи и скулптурата „Коњот на Џенин“ на северниот окупиран Западен Брег, за време на рацијата во бегалскиот камп Џенин на 30 октомври.
Скулптурата, создадена во соработка со германскиот уметник Томас Киплер во 2003 година, е направена од остатоци и парчиња од автомобили уништени од израелската Армија во ноември 2002 година.
- Победничка порта
Истиот ден, израелската Армија, исто така, ја уништи влезната порта на бегалскиот камп Џенин, позната како Победничка порта или Порта на враќањето, што беше од големо значење за палестинските групи на отпорот во Џенин, како и национален симбол за Палестинците во кампот.
Споменикот на Победничката порта е изграден во чест на борците на отпорот убиени од израелската Армија.
- Споменикот Ширин Абу Аклех
На 27 октомври, израелската Армија го урна споменикот на покојната палестинска новинарка Ширин Абу Аклех, кој се наоѓаше во близина на влезот на бегалскиот камп Џенин, каде што беше убиена од израелските сили во мај минатата година.
Споменикот беше инаугуриран на првата годишнина од нејзиното убиство на 11 мај оваа година.
- Статуата на претседателот Јасер Арафат
На 17 ноември, израелската Армија изврши рација во градот Тулкарем на северниот дел на Западниот Брег, уништувајќи го главниот споменик на градот.
Израелските булдожери го срушија споменикот на починатиот палестински претседател Јасер Арафат, кој почина во 2004 година.
Израелската Армија не даде никакво образложение за уривањето на споменикот.
- Други национални обележја
Други национални обележја и статуи беа урнати од израелската Армија во градовите на Западниот Брег, вклучувајќи го и Споменикот на загинатите херои во бегалскиот камп Балата во Наблус.
Споменикот е изграден пред 20 години во спомен на Палестинците од кампот кои беа убиени од израелските сили.
Тензиите се зголемија на Западниот Брег и Појасот Газа, кој е под блокада, од почетокот на борбите меѓу палестинските групи и Израел на 7 октомври.
На Западниот Брег се убиени повеќе од 231 Палестинец од страна на израелските сили од 7 октомври, а над 2.850 се повредени, соопшти палестинското Министерство за здравство.
Додека во Газа, бројот на загинати Палестинци во израелските бомбардирања се зголеми на 14.854, соопшти во четвртокот владината Канцеларија за медиуми во блокираната енклава.
Меѓу жртвите има 6.150 деца и над 4.000 жени, додека повеќе од 36.000 луѓе се повредени, се вели во соопштението.
Околу 7.000 луѓе се водат за исчезнати, од кои повеќе од 4.700 се деца, се додава во ова соопштение.
Официјалниот број на загинати во Израел изнесува 1.200.