Mahmoud Mohamed Barakat
09 Јули 2020•Ажурирај: 10 Јули 2020
РАМАЛА
Двајца лидери на палестинското движење Хамас се лишени од слобода за време на утринските рации кои израелската војска ги изврши на подрачјето на окупираниот Западен Брег, јавува Агенција Анадолија (АА).
Израелската војска изврши рации на повеќе адреси во Рамала и Ал Бира, а очевидците јавуваат дека група Палестинци протестирале поради рациите.
Користејќи боева муниција, солзавeц и димни бомби, израелската војска ги разбрка демонстрантите и од слобода ги лиши Џамал ал Тавил и Хусеин Абу Кваика.
Ал Тавил е приведен во местото Беитуниа во Рамала, а Кваика во Ал Бира - двајцата се истакнати членови на раководството на Хамас на Западниот Брег.
Со цел додатен притисок и заплашување на Палестинците, израелските безбедносни сили веќе со месеци вршат вечерни претреси во населбите на подрачјето на окупираниот Западен Брег.
За време на претресите израелските сили ги приведуваат Палестинците кои се товарат за наводна вмешаност во антиизраелските активности.
Според податоците на палестинските институции, во израелските затвори моментално се наоѓаат најмалку 5.000 Палестинци, вклучувајќи повеќе жени и малолетници.