Rania R.a. Abushamala
28 Февруари 2025•Ажурирај: 01 Март 2025
Израелската војска денес ги објави своите наоди од неколкумесечната истрага за нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, признавајќи „колосален неуспех“ во предвидувањето на „Операцијата Поплава Ал Акса“ што ја започна палестинската група на отпорот, јавува Анадолу.
Во извештајот од истрагата се вели дека војската не била подготвена за нападот, и била изненадена од бројот на палестински борци кои влегоа во воените бази и населбите во близина на Газа, според Израелското армиско радио.
Наодите открија и дека војската била изненадена од брзината и координацијата на нападот, кои ги надминале сите очекувања.
Дорон Кадош, воениот дописник за Израелското армиско радио, јави дека армијата признала дека не ја зела предвид можноста за неочекуван напад од големи размери како оној на 7 октомври.
Кадош на својот X напиша дека заканата од таков напад никогаш не била сфатена сериозно, дури и не била земена предвид, што ја оставило армијата неподготвена за спротивставување.
Наодите од истрагата потврдија дека борците на Хамас целосно ја неутрализирале Дивизијата за Газа на израелската армија неколку часа, поточно помеѓу 6:30 и 12:30 часот.
Во тој период израелската војска немала контрола над областа во близина на Газа. На армијата ѝ биле потребни околу 10 часа да ја врати оперативната контрола над регионот, кој Хамас практично го зазеде.
Според Армиското радио, наодите го разоткрија потпирањето на армијата на погрешни стратешки претпоставки, меѓу кои и верувањето дека „Газа претставува секундарна закана која не бара значително воено внимание и дека Хамас е фокусиран на одржување на мирот за економски придобивки“.
Истрагата понатаму заклучи дека армијата дозволила „да се развие сериозна безбедносна закана долж нејзините граници со претерано потпирање на одбранбената бариера додека значително ги ослабнала граничните одбранбени сили, вклучително и недостигот на војници во подрачјата во близина на Газа“.
Дополнително, наодите укажаа на чувство на „ароганција“ во армијата и „преголема доверба“ во нејзината разузнавачка супериорност, со цврсто верување дека за секој потенцијален палестински напад ќе има предупредување од разузнавањето.
„Никој однапред не забележал ниту открил знаци за ова случување, дури ни на најниско ниво на разузнавање“ покажа една од централните истраги.
Недостатокот на такво предупредување предизвика голем шок кај военото раководство и придонесе за хаосот во почетните часови на нападот.
Неколку израелски политички, воени и безбедносни претставници претходно ја признаа личната одговорност за неуспехот да се спречи нападот на 7 октомври.
Како резултат на тоа, некои претставници поднесоа оставка, меѓу кои и Ахарон Халива, началник на Управата за воено разузнавање.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денес ја критикуваше израелската армија што не му ги испратила наодите од истрагата.
Според израелскиот весник „Једиот Ахронот“, Кабинетот на Нетанјаху испратил писмо до Министерството за одбрана барајќи објаснување зошто армијата не ги доставила своите наоди од истрагата за 7 октомври.
Нетанјаху досега одбиваше да преземе каква било одговорност за нападот и да формира официјална истражна комисија за случувањата на тој ден.