Lina Altawell
29 Април 2026•Ажурирај: 29 Април 2026
Израелската полиција денес соопшти дека привела 36-годишен доселеник под сомнение за напад врз калуѓерка во окупираниот Источен Ерусалим, карактеризирајќи го чинот како напад мотивиран од „расна омраза“, јавува Анадолу.
Во полициското соопштение се наведува дека вчера била примена пријава за напад врз калуѓерка во Источен Ерусалим.
„По опсежна потрага, полициските службеници го лоцираа и го приведоа 36-годишниот осомничен“, стои во соопштението.
Полицијата појасни дека осомничениот е предаден на истражните органи под сомнение за напад врз расна основа.
Се очекува полицијата подоцна во текот на денот да побара од Судот во Ерусалим продолжување на неговиот притвор.
Фотографијата објавена од страна на полицијата покажува дека калуѓерката има повреди во пределот на главата.
Онлајн весникот „Тајмс оф Израел“ објави дека калуѓерката работи во Француската библиска и археолошка школа, без да наведе дополнителни детали за нејзиниот идентитет или националност.
Стотици свештени лица и калуѓерки од целиот свет служат во црквите и верските институции во Источен Ерусалим.
Во последните години е забележан значителен пораст на нападите од страна на Израелци врз христијанското и муслиманското свештенство, како и врз верските објекти во окупираниот град.
Црквите во Источен Ерусалим постојано апелираат до израелските власти да преземат решителни мерки за запирање на ваквите напади.
Околу 750.000 израелски доселеници живеат во стотици населби на окупираниот Западен Брег, вклучувајќи околу 250.000 во Источен Ерусалим, и секојдневно вршат напади врз Палестинците, според палестински извори.
Од октомври 2023 година, во нападите на израелските сили и доселениците на Западниот Брег убиени се повеќе од 1.100 Палестинци, а повредени се околу 12.000 лица.