Ahmed Asmar
05 Декември 2024•Ажурирај: 05 Декември 2024
КУДС (ЕРУСАЛИМ) (АА) - Египет поднесе нов предлог за прекин на огнот во Газа, во кој е вклучено прекин на борбите од 45 до 60 дена и отворање на граничниот премин Рафа, објавија денес израелските медиуми, јавува Анадолу.
Предлогот вклучува и постепено ослободување на живите заложници во замена за палестински затвореници што се во израелските затвори и зголемување на бројот на камиони со помош во Газа на околу 350 дневно, објави израелскиот „Канал 12“.
Телевизијата рече дека египетскиот предлог не е официјално објавен.
„Деталите за предлогот сè уште не се финализирани, но може да се сфати дека станува збор за договор што се спроведува во фази, а неговата прва фаза трае од еден и пол до два месеца“, соопшти каналот.
Се вели дека во предлогот е вклучено отворање на преминот Рафа, витален пат за хуманитарна помош во енклавата, како и пренесување на одговорноста за негово надгледување на палестинските власти.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху отфрла каква било улога на палестинските власти во управувањето со повоена Газа.
„Што се однесува до коридорот Нецарим, кој ја дели северна Газа од југ, како и до коридорот Филаделфи на границата Газа-Египет, се верува дека Египќаните ќе предложат нова форма на распоредување на силите“, рече телевизијата без да даде детали.
Египет отфрла какво било израелско воено присуство на коридорот Филаделфи на границата со Газа.
Засега нема коментар од Египет за извештајот на израелските медиуми.
Израел, кој држи над 10.000 палестински затвореници во своите затвори, проценува дека 101 заложник се држи во Газа, а Хамас објави дека 33 од нив биле убиени во неселективните израелски воздушни напади.
Напорите за посредување предводени од САД, Египет и Катар за постигнување договор за прекин на огнот во Газа и размена на затвореници меѓу Израел и Хамас не успеаја поради одбивањето на Нетанјаху да ја запре војната.
Израел започна геноцидна војна во Газа по нападот од палестинската група на отпор Хамас во октомври минатата година. Досега во израелските напади се убиени повеќе од 44.500 Палестинци, повеќето жени и деца, а повредени се речиси 106.000.
Втората година од почетокот на геноцидот во Газа наидува на сѐ поголема меѓународна осуда, официјални претставници и институции ги карактеризираа нападите и блокирањето на испораките на хуманитарна помош како намерен обид за уништување на населението.
Меѓународниот кривичен суд (МКС) на 21 ноември издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот шеф на одбраната Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговата смртоносна војна во Газа.