Lina Altawell
09 Јуни 2026•Ажурирано: 09 Јуни 2026
Израелските министри ја заострија реториката против Либан, повикувајќи на бомбардирање на Бејрут, притворање на либански жени и окупирање на територии во знак на одмазда за нападите со беспилотни летала од страна на Хезболах, јавува Анадолу.
„Мораме да излеземе од вообичаените рамки на размислување кога станува збор за Хезболах, а исто така треба да мислиме и за окупирање територии и елиминирање на голем број терористи“, изјави израелскиот министер за национална безбедност Итамар Бен-Гвир за време на состанокот на израелскиот безбедносен кабинет, пренесе весникот „Маарив“.
Бен-Гвир исто така повика на „апсење на нивните жени и деца“, нагласувајќи дека „тоа е она што најмногу ги боли“.
Израелскиот министер за надворешни работи, Гидеон Сар, го обвини Хезболах дека се обидува да го вовлече Израел во „војна до исцрпување“.
Израелската Армија врши смртоносни воздушни напади врз Либан, по прекуграничниот напад на Хезболах на 2 март. Оттогаш, во нападите животот го загубија над 3.600 лица, повеќе од 11.100 беа повредени, додека над еден милион луѓе се раселени.
Тековните израелски напади врз Либан вчера предизвикаа еднодневни одмазднички напади меѓу Иран и Израел.
Додека Техеран вети „жесток“ одговор доколку израелските напади врз Либан продолжат, Тел Авив порача дека ќе ја продолжи својата офанзива во оваа арапска земја.
„На Израел му е потребно многу оружје“, изјави на состанокот Ицхак Васерлауф, министер за развој на периферијата, Негев и Галилеја, кој доаѓа од редовите на крајнодесничарската партија „Оцма Јехудит“.
Министерката за население, Орит Струк, повика на окупирање територии во Либан.
- Бомбардирање на Бејрут -
Израелскиот министер за култура и спорт, Мики Зохар, повика на интензивирање на воздушните напади врз јужното предградие на Бејрут.
„Сметам дека Иранците се свесни оти директна конфронтација со Израел не е мудар потег“, порача Зохар во изјава за локалната радиостаница „103 ФМ“.
„Следниот пат кога Хезболах ќе стрела кон израелските градови, ние веднаш ќе го нападнеме (предградието) Дахије, а Иранците повторно ќе сакаат да си ја пробаат среќата, па слободно нека се обидат“, изјави Зохар.
„(Премиерот) Нетанјаху беше јасен дека доколку Иран се обиде да ни наштети, ние целосно ќе го уништиме”, додаде тој.
„Продолжуваме да го обликуваме Блискиот Исток онака како што треба да биде“, изјави Зохар.
За време на состанокот на Кабинетот, израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, изјави дека „судбината на Дахије во Бејрут е судбината на градовите на северот”.
„Најостро ги отфрламе иранските закани. Секој обид на Иран да го поврзе Либан со својата територија или да го нападне Израел ќе наиде на силен одговор, како што беше случајот вчера“, изјави Кац.
Израел окупира подрачја во јужниот дел на Либан, од кои некои се под окупација со децении, додека други беа заземени за време на претходните воени дејства меѓу 2023 и 2024 година. За време на тековната офанзива израелската војска напредуваше над 10 километри во внатрешноста на земјата, што е нивен најдлабок упад по повлекувањето на Израел од јужниот дел на Либан во 2000 година.