Esat Fırat
03 Јуни 2020•Ажурирај: 04 Јуни 2020
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелските војници срушија 16 куќи на палестинските бедуини на окупираниот Западен Брег, јавува Агенција Анадолија (AA).
Еид Ебу Хамис, од Палестинскиот совет за борба против изградбата на еврејските населби, рече дека израелските сили ги срушиле куќите и шаторските населби на палестинските бедуини на подрачјето помеѓу градовите Ерихон и Хеброн.
Истакна дека израелските војници упаднале во бедуинското село Ајн ал-Хијле во Ерихон, и додаде дека израелската војска споменатото подрачје, вклучувајќи го и селото, го прогласила за „затворена воена зона“.

Израелските војници срушиле осум куќи и шатори на палестинските бедуини во тоа село.
Хамис изјави дека овој потег е дел од поширокот план за израелска анексија на Јорданската Долина на Западниот Брег.
Исто така, според информациите на очевидци, израелските војници во село во Хеброн каде што живеат палестински бедуини урнале осум куќи и шатори, тврдејќи дека немале дозвола за градба.
Израел од различни причини ги руши палестинските домови и објекти во Источен Ерусалим и на Западниот Брег, кои ги окупираа во 1967 година.
Локални извори тврдат дека израелските сили само минатата година уништиле 521 куќа или објект кои им припаѓале на Палестинците во Источен Ерусалим и на Западниот Брег.
Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, минатиот месец со лидерот на опозицијата, Бени Ганц, формира заедничка Влада на Израел, и двајцата најавија дека од 1 јули ќе го забрзаат планот за анексија на Јорданската Долина и на другите територии на Западниот Брег, каде што се изградени нелегалните еврејски населби.