Mustafa Deveci
06 Декември 2019•Ажурирај: 10 Декември 2019
ЕРУСАЛЕМ (АА) - Израелските сили приведоа пет лица во окупираниот Источен Ерусалим, од кои четворица се вработени во Палестинската државна телевизија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според локалните извори, израелските сили утрово извршиле рација во програмата „Добро утро Ерусалим“ на палестинската телевизија во подрачјето Маслинова планина во Источен Ерусалим.
Во рацијата, израелските сили го притворија продуцентот на програмата, еден снимател и гостинот во програмата, а исто така конфискуваа и дел од телевизиската опрема.
Израелските сили притворија репортер и снимател на палестинската телевизија кај портата Дамаск во стариот дел на Источен Ерусалим.
- Осуда од Палестина -
Во писменото соопштение од палестинското Претседателство, се осудува приведувањето на палестинските телевизиски работници во Источен Ерусалим од страна на израелските сили.
Чекорите како што е признавањето на целиот Ерусалим како главен град на Израел од страна на Соединетите Американски Држави (САД), ја охрабрија администрацијата на Тел Авив за ваквото постапување.
Во соопштението се упатува повик до меѓународната заедница да изврши притисок врз администрацијата на Тел Авив за да ги прекине нападите врз палестинскиот народ.
Израелските сили и претходно имаат извршено рација на претставништвото на Палестинската државна телевизија во Источен Ерусалим, и по наредба на израелскиот министер за јавна безбедност, Гилад Ердан, претставништвото беше затворено 6 месеци.