Rania R.a. Abushamala
11 Јули 2025•Ажурирај: 11 Јули 2025
АНКАРА/ИСТАНБУЛ (АА) - Најмалку 35 Палестинци се убиени од израелските сили низ Појасот Газа во текот на денешниот ден, од кои 10 цивили кои чекале хуманитарна помош во подрачјето на Ал-Шакуш, северозападна Рафа во јужна Газа, според палестинските медиуми и медицински извори, јавува Анадолу.
Медицински лица изјавија за Анадолу дека израелските сили отвориле оган врз Палестинци собрани за храна и други основни намирници, убивајќи 10 и ранувајќи повеќе од 60 лица.
Одделно, во напад со беспилотно летало повредени се пет цивили во близина на кружниот тек Ал-Назла во северна Газа, откако се фрлени бомби врз областа.
Неколку Палестинци се убиени обидувајќи се да добијат храна во енклавата откако контроверзната Хуманитарна Фондација Газа започна со работа кон крајот на мај.
Двајца Палестинци се убиени во израелски воздушен напад врз подрачјето на кружниот тек Абу Хмаид во Кан Јунис, јужна Газа.
Дополнително, тројца Палестинци се убиени во израелски напад врз група луѓе на улицата Ал-Зухур во бегалскиот камп Нусејрат во централна Газа.
Во друг израелски воздушен напад врз куќа во градот Џабалија, северниот дел на Појасот Газа, животот го загубија уште три лица.
Израелската армија, исто така, со беспилотни летала нападна група цивили во близина на училиштето Ал-Хурија во населбата Зејтун, во градот Газа, при што убиени се пет цивили, а десетици се повредени.
Неколку жители на Газа се убиени, а неколкумина повредени во израелски напад врз цивили и деца близу плоштадот Ал-Шава, долж улицата Салах ал-Дин, во источниот дел на градот Газа.
Најмалку две тела се донесени во Баптистичката болница Ал-Ахли по израелските напади врз две станбени згради во близина на џамијата Ал-Шама во населбата Зејтун, југоисточниот дел на градот Газа.
Мало девојче е убиено од израелско артилериско гранатирање во населбата Ал-Туфа, во источниот дел на градот Газа, додека едно дете почина неколку дена подоцна од повреди здобиени во израелски напад врз шаторот на неговото семејство во Ал-Маваси, Кан Јунис, јужна Газа.
Уште еден цивил е убиен во израелски напад со беспилотни летала во близина на џамијата Салах ал-Дин во населбата Зејтун, јужниот дел на градот Газа.
Дополнително, една жена е убиена, а нејзиниот сопруг уапсен во подрачјето на Кизан Абу Рашван, јужниот дел на градот Кан Јунис, додека друга жена почина од повредите здобиени неколку дена претходно во напад врз шатор во областа Ал-Маваси.
Севкупно, од октомври 2023 година до сега Израел уби речиси 57.800 Палестинци во Газа. Немилосрдното бомбардирање ја уништи енклавата и доведе до недостиг на храна и ширење на болести.