Ekip
09 Април 2025•Ажурирај: 11 Април 2025
ТЕХЕРАН (АА) - Илјадници Иранци се собраа денес на плоштадот „Палестина“ во централниот дел на Техеран, протестирајќи поради, како што велат, постојаните воени злосторства и геноцидот што Израел го врши врз палестинскиот народ во Појасот Газа, јавува Анадолу.
Демонстрантите носеа палестински знамиња и транспаренти на Хезболах, како и фотографии од членови на движењето што биле убиени во израелски напади. Плоштадот одекнуваше од повиците: „Смрт за САД“ и „Смрт за Израел“.
За време на протестот беше запалено и израелско знаме. Дел од плоштадот беше обоен во црвено и беа поставени симболични ковчези што ги претставуваа животите на убиените бебиња, деца и жени во Газа.
Израелската армија ги обнови смртоносните напади врз Газа на 18 март и оттогаш уби речиси 1.500 лица, а повреди повеќе од 3.700 и покрај договорот за прекин на огнот и размена на затвореници во енклавата што беше потпишан во јануари.
Претходната недела израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави интензивирање на нападите врз Газа, додека се спроведуваат акции за реализација на планот на американскиот претседател Доналд Трамп за раселување на Палестинците од енклавата.
Од почетокот на израелската офанзива во октомври 2023 година досега во Газа се убиени над 50.800 Палестинци, повеќето жени и деца.
Во ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант поради воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради војната против енклавата.