Muhammet Nazım Taşçı
21 Август 2019•Ажурирај: 22 Август 2019
АНКАРА (АА) – Во индискиот регион Џаму и Кашмир распоредени се 125.000 дополнителни припадници на безбедносните сили, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според веста на „The News“ базирана на воен извор, Индиската влада распоредила 125.000 дополнителни безбедносни сили во регионот Џаму и Кашмир.
Неименуваниот воен извор, исто така, соопшти дека во Џаму и Кашмир во моментот има 500.000 припадници на безбедносните сили.
- Училиштата се отворија, но училниците останаа празни -
Во меѓувреме, и покрај тоа што Индиската влада соопшти дека околу 200 училишта во Сринагар, главниот град на Џаму и Кашмир, се повторно отворени, увидено е дека училниците останале празни.
Сè додека не бидат пуштени телефоните и интернетот, семејствата претпочитаат децата да ги чуваат дома.
Гулизар Ахмед, истакнувајќи дека децата се безбедни дома, рече: „Како можеме да ги ризикуваме животите на нашите деца?“
Ахмед, исто така, наведе дека многу деца во областа биле приведени од страна на паравоени сили и многумина биле повредени во настанатите инциденти.
- „Џаму и Кашмир е внатрешна работа на Индија“ -
И Министерството за надворешни работи на Бангладеш соопшти дека укинувањето на членот 370, со кој ѝ се дава посебен статус на областа Џаму и Кашмир е „внатрешно прашање“ на земјата.
Министерството соопшти дека Бангладеш го смета укинувањето на членот 370 (кој му дава посебен статус на Џаму и Кашмир) од страна на Индиската влада како внатрешна работа на Индија.
Изјавата од Бангладеш дојде еден ден откако индискиот министер за надворешни работи, Субрахманјам Јаишанкар, се состана со премиерот на Бангладеш, Шејх Хасина, и со министерот за надворешни работи, А.К. Абдул Момен.
- Укинување на специјалниот статус на Џаму и Кашмир од страна на Индија -
Индиските власти на 5 август го укинаа членот 370 од индискиот Устав, кој го регулира специјалниот статус на Џаму и Кашмир.
Членот 370 на тој регион му овозможуваше сопствен устав, одделно знаме и независност по сите прашања, освен за надворешната политика, одбраната и комуникациите.
Пакистан и Индија во 1947 година за првпат влегоа во војна за Кашмир. Поради истата причина, двете земји повторно војуваа во 1965 и во 1999 година.
Индија контролира околу 45 % од Кашмир, Пакистан околу 35 %, а Кина 20 %. Индискиот дел е наречен Џаму и Кашмир и денес е една од доминатно муслиманските покраини во Индија.
Пакистан на делот од Кашмир кој е под негова контрола му додели статус на две автономни територии наречени Азад Кашмир (Слободен Кашмир) и Гилгит-Балтистан.
Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) со низа резолуции предвидува статусот на Кашмир да се реши со волјата на тамошното население и тој регион да се демилитаризира. Такво сценарио застапува и Пакистан, но не и Индија.
По укинувањето на специјалниот статус на Џаму и Кашмир од страна на Индија, Пакистан официјално ги прекина трговските односи со овие земји.