Ekipa
27 Јуни 2020•Ажурирај: 28 Јуни 2020
ЊУ ДЕЛХИ (АА) - Индија денес ги распореди напредните системи за противракетна одбрана копно-воздух „Акаш“, на својата граница со Кина во северниот хималајски регион Ладак, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Индиските власти наредија распоредување на системите откако кинеската страна ги интензивираше активностите на воените авиони и хеликоптери по Должината на фактичката контролна линија (LAC), де факто границата на Индија и Кина во спорниот регион Џаму и Кашмир.
„Како дел од постојаното надградување во секторот, системите за противвоздушна одбрана на индиската Армија и на Индиските воздухопловни сили се распоредени во секторот за да се спречи каков било потег од страна на воените авиони на Кинеските воздухопловни сили или на хеликоптерите на Народната ослободителна армија кои се наоѓаат таму“, потврдија владини извори за локална новинска агенција.
„Акаш“ е мобилен противракетен одбранбен систем копно-воздух од среден дострел развиен од Организацијата за истражувања и развој на одбраната на Индија.
Распоредувањето се случува во период кога Индија и Кина водат преговори за деескалација на ситуацијата на граничната линија.
Во понеделникот, индиската Армија им дозволи на трупите да користат огнено оружје на контролната линија во вонредни околности.
„Нема промена во правилата како такви. Нашата страна ќе реагира само на провокации и во случај на одредени вонредни околности“, изјави претходно за АА генерал полковник Винод Батиа, поранешен раководител на индиските воени операции.