Zeynep Hilal Karyağdı
17 Јуни 2018•Ажурирај: 18 Јуни 2018
МОСУЛ (АА) - Холивудската ѕвезда и амбасадорка на добра волја на Високиот комесаријат за бегалци при ОН (УНХЦР), Анџелина Џоли, го посети Мосул, ирачкиот град уништен во нападите и судирите на терористичката организација ДЕАШ, јавува Anadolu Agency (AA).
Таа прошета меѓу урнатините во стариот дел на Мосул. Разговараше и со граѓаните и се обиде да ги сослуша нивните потреби. Се информираше и за активностите кои е потребно да се преземат за да се обнови овој ирачки град.

„Ова е најголемо уништување кое го видов за сите години колку што работам со УНХЦР“, порача Џоли.
Како што рече таа, луѓето во овој дел на Ирак изгубиле сè, станале сиромашни, немаат лекови за децата... Поголемиот дел немаат ни питка вода.

Џоли истакна дека луѓето, со ограничена помош се обидуваат повторно да ги изградат своите домови. Таа порача дека на овие луѓе им е потребна помош и дека стабилноста на градот е неопходна за стабилноста на цел Ирак и за регионот во иднина.
Џоли претходно ги посети бегалците кои поради нападите на ДЕАШ мораа да ги напуштат своите домови.