Mehmet Tosun
09 Декември 2015•Ажурирај: 10 Декември 2015
АНКАРА (АА) - Заменикот премиер на Турција и гласноговорникот на турската Влада, Нуман Куртулмуш, тврди дека припадниците на турските вооружени сили во Мосул имаат задача да ги обучуваат ирачките сили за борба против терористичката организација ДАЕШ, и дека не станува збор за борбени единици, јавува Anadolu Аgency (АА).
Како денешен гостин на уредничкиот деск на АА, Куртулмуш рече дека присуството на турските оружени сили во Мосул во никој случај не е насочен кон ирачката Влада и народ, туку спротивно, дека целта на присуството е обука на ирачките сили.
„Тоа е прашање за кое се претерува. Се надевам дека тензиите ќе се смират во најкраток можен рок“, изјави Куртулмуш.
Истакнувајќи дека Турција во програмата за обука од самиот почеток делувала во контакт со врховната ирачка Влада во Багдад, Куртулмуш рече дека присуството на турската војска во Мосул е дел од планската програма за обука и дека со цел надминување на насогласувањата, организиран е разговор на министрите за одбрана на двете земји, а турскиот премиер Ахмет Давутоглу испратил писмо до ирачкиот колега Хајдар ал-Абади.
Осврнувајќи се и на тврдењата на одредени кругови дека Турција тргува со нафта со терористите на ДАЕШ, Куртулмуш рече дека тоа е чиста „лудост“.
„Невозможно е да се замисли ситуацијата, Турција да купува нафта од некоја терористичка организација. Тоа е завера против турција, против нејзината Влада и јасна завера против нејзиниот Претседател. Тоа е „неприфатливо“, рече Куртулмуш.
На прашањето дали актуелните тензии на релација Анкара-Москва ќе влијаат на реализација на проектот за изградба на нуклеарната централа Акују во Мерсин, Куртулмуш рече дека смета дека е многу рано за тоа да се зборува и мисли дека Русија нема да може туку така да се откаже од тој проект.
„Овде мораме јасно да кажеме дека Турција не е зависна од само една врата на трговија, исто така, не е зависна и од само една земја, кога се во прашање технологијата и нуклеарната централа. Знаеме дека во светот има многу земји и компании кои се подготвени да ги задоволат сите тие барања на Турција. Јас мислам дека сè уште е рано да се зборува за проектот Акују“, рече Куртулмуш.
По победата на парламентарните избори на 1-ви ноември, новата турска Влада на чело со премиерот Давутоглу, неодамна почна со својот мандат, а Куртулмуш тврди дека тоа е реформска Влада и додава дека партијата на власт, Партијата на правдата и развојот (AK Parti), во изминатите 13 години спроведе бројни реформи и дека престојниот мандат ќе биде потврда на спроведените и комплетирање на преостанатите реформски процеси.
Куртулмуш понатаму тврди дека на Република Турција и е потребна реформа на уставот како би се воспоставиле ефикасни, брзи, транспарентни и контролирани механизми на власта. Додава дека во тој контекст може да се говори и разговара за воведување на претседателски систем, но дека тоа не е прашање на одредена политичка партија или личност, туку дека станува збор за национално прашање.