Mahmoud Barakat
06 Октомври 2016•Ажурирај: 06 Октомври 2016
БАГДАД (АА) - Ирак формално побара од ОН на вонредната седница на Советот да разговара за присуството на турските вооружени сили во кампот Башика кај Мосул, во северната ирачка покраина Нинива, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на ирачкото Министерство за надворешни работи денес изјави дека официјален Багдад го повикал Советот за безбедност на ОН во рамките на своите надлежности и обврски кон Ирак да го осуди „загрозувањето на суверенитетот на Ирак“ од страна на турските сили.
Парламентот на Ирак на почетокот од неделата ја усвои одлуката со која се противи на турското воено присуство во Башика и турските безбедносни сили ги нарекува „окупаторски“, а вчера турското Министерство за надворешни работи таа одлука ја осуди и го повика ирачкиот амбасадор во Анкара. Кратко потоа, на ист начин и ирачкото Министерство го повика на разговор турскиот амбасадор во Багдад.
Заменик-премиерот и портпаролот на Владата на Република Турција, Нуман Куртулмуш, вчера изјави дека ирачките обвинувања на сметка на Сирија се неприфатливи бидејќи ангажманот на турските сили во Ирак и во Сирија има за цел поддршка против терористичките организации, првенствено ДАЕШ.
Куртулмуш изјави дека Турција го поддржува и вложува големи напори во заштитата на суверенитетот и интеритетот на Ирак и Сирија, кои се средиште на длабоки политички и безбедносни кризи, а никако не ги загрозува тие две земји. Тој додаде дека за Турција е неприфатливо терористичките организации во регионот да ги заземаат градовите и да се обидуваат да ги менуваат демографските слики, што е случај со Мосул, Рака и со други градови во регионот.
Парламентот, односно Големото народно собрание на Република Турција, уште од 2007 година го одобри ангажманот на турските сили да ги извршуваат антитерористичките операции на северниот дел од Ирак. Таа одлука е повторена и проширена за подрачјето на Сирија во 2014 година, кога ДАЕШ зазеде некои од најголемите градови на Ирак и Сирија.
Воениот камп Башика се наоѓа на 12 километри североисточно од центарот на Мосул, контролиран од ДАЕШ, а турските сили во декември минатата година, во тој камп испратиле околу 150 војници со цел за обука на ирачките доброволци за борбата против ДАЕШ.