Ekip
23 Август 2021•Ажурирај: 25 Август 2021
БАГДАД
Ирак денес започна безбедносна операција за фаќање на милитантите на ДЕАШ северно од главниот град Багдад, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Оттука, објавувам отпочнување на безбедносна кампања во соработка со семејствата на областа Тармија, северно од Багдад, за елиминирање на заспаните ќелии на ДЕАШ“, изјави премиерот Мустафа ал-Кадими за време на посетата на Канцеларијата на Операциската команда во Тармија.
„Борбата против тероризмот е колективна одговорност, каде што сите мора да учествуваат, ние мора да ги преиспитаме нашите безбедносни планови за да се соочиме со таквите заспани ќелии“, додаде Ал-Кадими во своите забелешки цитирани во соопштението на Кабинетот.
Милитантите на ДЕАШ имаат активно присуство во областа Тармија, 50 километри северно од Багдад, од каде што започнуваат напади врз ирачката престолнина.
Во петокот, четири лица загинаа, а осум други беа повредени во двоен напад насочен кон позиција на провладината милиција „Хашд ал Шааби“ во Багдад.
Терористите на ДЕАШ во последните месеци ги зголемија своите напади, особено во областа помеѓу Киркук, Салахудин и Дијала, позната како „триаголник на смртта“.
Во 2017 година, Ирак прогласи победа над ДЕАШ со враќање на сите територии што терористичката организација ги контролираше од летото 2014 година, а се проценува дека тоа е околу една третина од територијата на земјата.
Меѓутоа, организацијата сè уште одржува заспани ќелии во големи области во Ирак и повремено започнува спорадични напади.