Muhammet Kurşun
14 Декември 2021•Ажурирај: 15 Декември 2021
ТЕХЕРАН
Заменик-министер за надворешни работи на Иран и главен преговарач Али Бакири истакна дека „некои актери“ во нуклеарните преговори ги продолжуваат „навиките на обвинување наместо дипломатија“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Бакири на својот профил на Твитер ги критикуваше западните страни во договорот поради тоа што не презеле чекори во врска со тековните разговори во Виена, главниот град на Австрија.
Потсетувајќи дека Иран брзо ги претстави своите предлози, Бакири нагласи:
„Некои актери продолжуваат со навики за обвинување, а не на вистинска дипломатија. Се стремиме конструктивно и флексибилно да ги намалиме проблемите. Дипломатијата е двонасочна улица.“
Преговорите за иранскиот нуклеарен договор, наречен Сеопфатен заеднички акционен план (KOEP), се одржаа во Виена, главниот град на Австрија, на 29 ноември, по пауза од околу 5 месеци.
На разговорите под претседателство на Енрике Мора, заменик-генерален секретар и политички директор на Службата за надворешни односи на Европската унија, присуствуваа високи претставници на Русија, Кина, Германија, Франција, Англија и Иран.
Разговорите, кои беа прекинати околу една недела поради неможноста на страните да постигнат договор, продолжија на 9 декември.
Наведувајќи дека иранската делегација направила сеопфатни измени на нацрт-договорот договорен во претходните преговори, европските страни го обвинија Техеран дека покажува „тврд став“ во разговорите.
Од друга страна, иранскиот министер за надворешни работи Хусеин Емир Абдулахијан, нагласи дека предлозите за решение се усогласени со нуклеарниот договор.