Haydar Şahin
15 Април 2024•Ажурирај: 17 Април 2024
ТЕХЕРАН (АА) - Иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахијан и неговиот катарски колега Мохамед бин Абдулрахман ал Тани разговараа за последните случувања во регионот и иранскиот напад врз Израел, јавува Анадолу.
Во соопштението на Министерството за надворешни работи на Иран се наведува дека двајцата министри имале телефонски разговор.
Амир-Абдолахијан го информираше својот катарски колега за последните случувања во регионот и за иранскиот напад врз Израел.
Шефот на иранската дипломатија нагласи дека израелската Влада е клучен фактор за несигурноста во регионот.
Ал Тани ја нагласи потребата од стабилност и безбедност во регионот и додаде дека акциите на Израел предизвикале нестабилност во целиот регион.
Двете официјални лица, исто така, рекоа дека „мора да се стави крај на воените злосторства на Израел и страдањата на луѓето од Газа и на Западниот Брег“.
Иранската Исламска револуционерна гарда (ИРГЦ) лансираше низа ракети и беспилотни летала кон Израел доцна во саботата како одговор на нападот на 1 април врз иранскиот Конзулат во Сирија.
Според некои непотврдени извештаи, ИРГЦ во нападот што траел неколку часа истрелала повеќе од 300 беспилотни летала и проектили, од кои многу биле пресретнати од израелските системи за воздушна одбрана.
Постојат шпекулации дека Израел би можел да возврати, што според експертите може да предизвика сеопфатна регионална војна.