Canberk Yüksel
13 Јули 2016•Ажурирај: 14 Јули 2016
ЊУЈОРК (АА) - Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, ја повика Владата на Израел да стави крај на политиката на градење илегални еврејски населби со цел да се отвори патот за решавање на блискоисточното прашање, и тоа врз основа на воспоставување две независни држави, јавува Anadolu Agency (AA).
„Изградбата на овие населби е грубо кршење на меѓународното право”, рече генералниот секретар Бан Ки-мун при синоќешното обраќање во ОН.
Неодамна, сличен апел беше испратен до Израел и од блискоисточната четворка, но кратко потоа израелската Влада најави изградба на нови 560 станбени единици на Западниот Брег, а дополнителни 240 во Источен Ерусалим.
„Таквите чекори содржат непобитна контрадикторност со наводната израелска поддршка на преговорите и решавање на конфликтот врз основа на формирање две држави. Го повикувам Израел веднаш да се повлече од најавените планови за изградба”, порача првиот човек на ОН и ги повика лидерите на Израел и на Палестина да соработуваат со блискоисточната четворка, група којашто ја сочинуваат ОН, САД, Русија и Европската Унија, а таа работи на решавање на кризата на Блискиот Исток.
И американската амбасадорка во ОН, Саманта Пауер, изрази загриженост поради израелските планови за изградба на нови еврејски населби на палестинска територија.
„Доколку тоа се спроведе, тоа ќе биде последен чекор во она што ние го нарекуваме систематски процес на окупација на територијата, проширување на населбите и легализација на потегот што го поткопува планот за решавање на кризата врз основа на две држави. Изградбата на населбите не е споива со идејата за формирање две држави и е контрапродуктивна на настојувањата за воспоставување мир”, порача Пауер.
И делегацијата на Република Турција нагласи дека постои загриженост поради „влошувањето на состојбата на теренот”, а во прв ред поради најавената изградба на нови населби и окупацијата на земјиштето.
„Ширењето на нелегалните населби, конфискацијата на земјиштето, иселувањето на автохтоните заедници, одземањето на правата на Палестинците за користење на природните ресурси и континуираната практика на неказнување ја загрозуваат одржливоста на идејата за две независни и суверени држави”, порача делегацијата на официјална Анкара.