Alperen Aktaş
20 Март 2025•Ажурирај: 20 Март 2025
ИСТАНБУЛ/ТЕХЕРАН (АА) – Најмалку 21 лице загина, а 6.419 се повредени за време на прославите на иранскиот фестивал на огнот „Чахаршанбе Сури“, соопштија властитe, јавува Анадолу.
Во главниот град Техеран прославите започнаа по ифтар, оброкот со кој се завршува дневниот пост во Рамазан, при што учесниците палеа огнови и скокаа преку нив, а други палеа огномети, пиротехника, дури и домашно изработени експлозиви.
И покрај предупредувањата на техеранската полиција дека ќе врши надзор со дронови за спречување на употреба на експлозиви, сепак беа пријавени повеќе смртни случаи поради употреба на вакви материјали.
Иранската итна медицинска помош соопшти дека има 21 загинат и 6.419 повредени, од кои 18 лица се во критична состојба. Провинциите Техеран, Источен Азербејџан и Западен Азербејџан забележаа најголем број повредени.
Во Иран, кој го следи соларниот хиџретски календар – систем заснован врз движењето на сонцето, „Чахаршанбе Сури“ се одбележува последната среда пред Невруз, персиската Нова година, која го означува доаѓањето на пролетта.
Фестивалот е особено популарен кај децата и младите, а во прославите има скокање преку оган, огномети и домашно изработени експлозиви, при што секоја година има десетици жртви и илјадници повредени низ земјата.