Hajer M'tırı
06 Јуни 2018•Ажурирај: 07 Јуни 2018
ПАРИЗ (АА) - Министерот за надворешни работи на Франција денес изјави дека Иран се приближува кон „црвената линија“ по неодамнешното објавување дека ќе го зголеми својот капацитет на збогатување на ураниумот доколку пропадне Договорот за нуклеарната програма, јавува Anadolu Agency (AA).
„Мислам дека оваа иницијатива не е добредојдена, покажува иритација (од Техеран). Секогаш приближувањето до црвената линија е опасно“, изјави Жан Ив ле Дриан за „Europe 1 radio“.
Сепак, Ле Дриан нагласи дека плановите за зачувување на Договорот за нуклеарната програма остануваат непроменети.
„Засега, иницијативата што се презема за зголемување на капацитетите за збогатување на ураниумот останува целосно во рамките на Виенскиот договор... Она што беше објавено вчера останува целосно во рамките на Договорот“, додаде тој.
Договорот за нуклеарната програма, познат како Заеднички сеопфатен акциски план (JCPOA), беше потпишан меѓу Техеран и светските големи сили Кина, Русија, Франција, Велика Британија, САД и Германија.
Американскиот претседател Доналд Трамп минатиот месец ги исклучи САД од Договорт за нуклеарната програма со Иран, тврдејќи дека Иран има тајна програма за производство на нуклеарно оружје.
Францускиот претседател Емануел Макрон на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху му кажа дека треба да се зачува Заедничкиот сеопфатен акциски план за да се одржи регионалниот мир.