Mehmet Kara
06 Јуни 2018•Ажурирај: 07 Јуни 2018
АНКАРА (АА) - Од Програмата на Обединетите нации за животна средина (UNEP) соопштија дека произведената пластика и пластиката фрлена во природата, предизвикуваат сериозни штети врз копнениот и морскиот екосистем, и притоа, времето во кое живееме, го именуваа во „ера на пластика“, јавува Anadolu Agency (AA).
Во Извештајот што го објави Програмата по повод Светскиот ден на екологијата за производство и употреба на пластика, се упатува повик за заеднички активности и се посочува на големите ризици со кои во иднина ќе се соочи светскиот екосистем.
Во Извештајот се истакнува дека произведената пластика, по нејзината употреба, фрлена на земјината површина влегува во период во кој „не се рециклира“. „Пластичниот отпад се уништува дури по период од околу 1.000 години, а во текот на тој период, претставува сериозна закана за копнениот и морскиот екосистем. Живееме во ера на пластика. Потребно е информирање на сите луѓе за ова прашање и заедничка борба на целиот свет“, се вели во Извештајот.

Понатаму, во него се наведува дека пластичната амбалажа претставува значаен фактор во загадувањето на животната средина. „На светско ниво, 50% од употребата на пластиката се сведува на пластична амбалажа. Главно, станува збор за производ кој се користи еднократно, по што најголемиот дел од него станува „смет“ во светскиот екосистем. Додека Кина се наоѓа на првото место според производството на пластични кеси, САД, Јапонија и Европската Унија се наоѓаат на првите три места според производството по жител.“
Според Извештајот, 79% од вкупното светско производство на пластика се наоѓа на депониите и во околината, и чека на решение, а само 9% се рециклира. Во процесот на рециклирање, поради некористењето на новите технологии, придобивката изнесува само 2%. Дури 12% од произведената пластика се уништува со палење. Таквиот процес ѝ нанесува сериозни штети на околината.
Во Извештајот се истакнува дека е потребно земјите, колку што е можно поскоро, да преземат итни и неопходни чекори и околу производството на пластични ПЕТ-шишиња и нивното рециклирање. „Доколку на најбрз можен начин заеднички не се бориме, тогаш во 2050 година на депониите и на просторот на екосистемот ќе имаме околу 12 милијарди тони ПЕТ-шишиња.“
Производството на пластични шишиња, како што се наведува во Извештајот, негативно влијае и врз животните. „Секоја година во светот се трошат од 1 до 5 трилиони пластични кеси. Доколку овие кеси се соединат, тогаш би можело на двапати да се покрие површината на Франција. Пластичните кеси кои се преферираат поради нивната ниска цена и лесната употреба, не се уништуваат со стотици години и претставуваат сериозен ризик за животните кои живеат на копно и во море. Заклучно со 2050 година, 99% од морските птици ќе имаат проголтано „употребена пластика“, се вели во Извештајот.
Пластиката годишно предизвикува загуби од 13 милијарди долари
Во Извештајот се вели дека фрлената пластика, освен штетата што ја предизвикува врз живите суштества во екосистемот, истовремено причинува сериозни штети на неколку сектори. Азиско-пацифичкиот регион кој е познат како подрачје со најголемо производство на пластика, истакнува дека на морскиот екосистем му нанесува штета од 1.3 милијарди долари, додека штетите од пластиката во светот на годишно ниво на полето на туризмот, риболовот, трошоците за чистење и рециклирање изнесува 13 милијарди долари.
Понатаму, во Извештајот се констатира дека штетата што ѝ се нанесува на светската економија поради употребата на пластиката ќе расте поради малиот процент придобивки при рециклирањето. Се очекува најзагрозени да бидат рибарите кои својата егзистенција ја црпат од морињата и крајбрежните градови кај кои туризмот е еден од најважните фактори на приходи. Само во Европа потрошени се 740 милиони долари за чистење на плажите и бреговите.
Развиени стратегии за намалување на употребата на пластиката
Во Извештајот се наведува дека голем број земји презеле значајни чекори за намалување на употребата на пластични кеси, а во 25 земји од африканскиот континент, поточно на 58% од целата површина на континентот, постои општа забрана за употребата на пластични кеси.
Руанда во 2008 година, во рамките на проектот „Чиста околина, чист град“, не ја забрани само употребата, туку и производството и продажбата на пластичните кеси. По забраната, во земјата е забележан голем раст на кеси изработени од лесно рециклирачки материјали, како што се хартијата и памукот.
И земјите членки на Европската Унија спроведуваат најразлични стратегии во борбата против употребата на пластиката. Ирска, на пример, шесткратно ги зголеми даноците на пластиката, под образложение дека ѝ нанесува многу големи штети на околината и на екосистемот во земјата. По воведувањето на данокот, во земјата за 90% е намалена употребата на пластиката по жител. Австрија во 2017 година соопшти дека во супермаркетите нема да се делат бесплатни пластични кеси за муштериите.
Кина, која е најголем светски производител на пластика во светот, во 1999 година го забрани производството и употребата на пластичните кеси, но бидејќи оваа забрана не се применувала активно, Законот е укинат во 2013 година.