Ekipa
14 Октомври 2016•Ажурирај: 14 Октомври 2016
БАГДАД (АА) - Според воени извори, армиските трупи поддржани од страна на провладините племенски борци го презедоа од терористичката група ДЕАШ патниот правец Хадита-Бији во ирачката северна покраина Анбар, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ирачката армија вчера започна широка операција за заземање на патниот правец, кој се наоѓа на околу 160 километри западно од Рамади, главниот град на покраината Анбар“, изјави командантот на силите во операциите Ал-Џезира, бригадниот генерал Касим ел-Мухамеди, за АА.
Според ел-Мухамеди, армиските трупи и нивните племенски сојузници успеале да го заземат стратешкиот автопат без никаков отпор од страна на ДЕАШ.
„Патниот правец“, додаде тој, „оттогаш е исчистен од нагазни мини и експлозивни уреди поставени од милитантите на ДЕАШ, додека безбедносните сили поставија контролни пунктови за заштита од можен напад“.
Според армискиот командант, пустинскиот пат од 150 километри беше користен од страна на ДЕАШ како главна рута помеѓу ирачките покраини Анбар и Саладин.
„Исто така, патот беше користен и како попатна точка за напади на блискиот град Хадита“, додаде тој.
Во средината на 2014 година, ДЕАШ го зазеде Мосул – вториот најголем град во Ирак – заедно со големи делови од териториите на северните и западните региони на земјата, вклучувајќи го и поголемиот дел на Анбар.
Во изминатите месеци, армијата поддржана од воздушната коалиција предводена од САД и нејзините локални сојузници, зазедоа поголем дел од територијата.
Сепак, под контрола на ДЕАШ остануваат неколку делови на Ирак, меѓу кои и Мосул, кој служи како главно упориште на оваа група во земјата.