Ekipa
22 Септември 2016•Ажурирај: 22 Септември 2016
БАГДАД (АА) - Според висок армиски службеник, ирачките трупи и вооружените сунитски племиња денес го презедоа кампот „Браво“ во северната покраина Анбар од членовите на терористичката група ДАЕШ.
„Поддржана од племенските борци, Десеттата дивизија на армијата го ослободи кампот, лоциран во подрачјето на островот Рамади, северно од истоимениот град“, изјави за АА генералот Исмаил ал Малави, шеф на армиската оперативна команда во Анбар.
Рамади е регионален главен град на покраината Анбар.
„Елементите на ДАЕШ ја напуштија областа, отворајќи го патот за ослободување на кампот“, изјави Ал-Малави.
„По ослободувањето на кампот, нашите трупи го опкружија островот Рамади од север, југ и од исток“, потврди Ал-Малави.
Од 2003 година, по инвазијата на Ирак предводена од САД, до 2011 година, кампот служеше како седиште за силите на САД распоредени во Анбар.
Пред два дена, ирачките сили започнаа истовремени напади со цел обновување на стратешките области на Анбар – вклучувајќи ги островските региони Хит и Ал Багдади од ДАЕШ.
Раџи Баракат, член на комитетот за безбедност на Советот во Анбар, за АА изјави дека сега 70 отсто од покраината е под контрола на ирачките безбедносни сили.
Безбедносната ситуација во Ирак е значително влошена од средината на 2014 година, кога ДАЕШ зазеде големи делови од територијата во северните и во западните региони на земјата, вклучувајќи и голем дел од Анбар.