Haydar Hadi
12 Мај 2018•Ажурирај: 12 Мај 2018
БАГДАД (АА) - Во Ирак рано утрово отворени се избирачките места за првите државни избори откако е прогласена победа над терористичката организација ДЕАШ, пренесува Anadolu Agency (AA).
За разлика од другите ирачки претставници кои гласаа на добро чувани избирачки места, ирачкиот премиер Хајдар ал-Абади рано утрово гласаше на избирачкото место во родната Карада, дел од главниот град Багдад.
По извршувањето на граѓанската должност, Абади, по излегувањето од избирачкото место за медиумите изјави дека овие избори ќе ја одредат иднината на Ирак.
Во Багдад гласаа и други високи ирачки претставници, меѓу кои претседателот на Ирак, Фуад Масум и претседателот на Парламентот, Селам ал-Џубури. Тие по гласањето посакаа изборите да донесат добро за сите жители на Ирак, а по нивното завршување што побргу да се формира влада.
Во Ирак со 37 милиони жители, регистрирани се вкупно 24 милиони гласачи. На изборите учествуваат 320 политички субјекти, а 7.376 кандидати конкурираат за 329 места во Парламентот на Ирак, од кои 20 отсто за првпат учествуваат на избори.
Изборите во Ирак, држава која во последниве години е максимално исцрпена во борбата против ДЕАШ, се одвиваат во сенка на економската криза, политичката поларизација и големиот број безбедносни проблеми, во време кога илјадници бегалци сè уште не се вратени во своите домови.
Корупцијата за време на осумгодишното владеење на поранешниот премиер Нури ал-Малики, кој беше на власт до 2014 година, како и падот на цената на суровата нафта, нанесоа несогледлива штета на државата, максимално искористувајќи ги нејзините ресурси. Зад сето ова, остана еден нестабилен Ирак, кој се гуши во економска криза и се обидува да се избори со проблемите на во голема мера уништената инфраструктура и со бегалската криза.
Актуелниот ирачки премиер Хајдер ал-Абади, кој на изборите излезе со коалицијата „Наср“ („Победа“), има најголеми шанси за функцијата премиер. Како најголем противник на коалицијата на Абади е Алијансата на силите на шиитската милиција „Хашди Шаби“.
Од кругови блиски до актуелниот премиер се дознава дека Абади и поранешниот премиер Малики, кои на изборите излегуваат со различни коалиции, планираат по изборите да се обединат во ирачкиот Парламент.