Nazlı Yüzbaşıoğlu
12 Мај 2018•Ажурирај: 13 Мај 2018
АНКАРА (АА) - НАЗЛИ ЈУЗБАШИОГЛУ - Една петина од вкупното муслиманско население во светот живее на просторот на Европа, Северна Америка и Австралија, а се очекува дека муслиманската популација до 2030 година ќе сочинува осум отсто од вкупното население на Европа, покажа Извештајот објавен на Универзитетот за општествени науки во Анкара, јавува Anadolu Agency (AA).
Во организација на Центарот за истражување и обука во областа на статистиката, економијата и социјалните прашања за исламските земји (SESRIC) и Дирекцијата за турска дијаспора и сродни заедници (YTB) во Истанбул денес започна дводневната работилница на тема „Муслиманска дијаспора: Очекувања и предизвици за глобалниот мир и просперитет“, а фокусот ќе биде ставен на Глобалниот извештај за муслиманската дијаспора.
Оваа работилница ги собра високите претставници на голем број земји, претставници на Организацијата за исламска соработка (OIC), како и голем број претставници на невладините организации и истражувачи.
Според Извештајот кој е подготвен на Универзитетот за општествени науки во Анкара, утврдено е дека порастот на муслиманското население не се бележи само во регионите на Блискиот Исток, Северна Африка и Азија - Пацификот. Нагласено е дека петина од вкупното муслиманско население во светот живее во Европа, Северна Америка и Австралија.
Извештајот покажува дека во Европа живеат 44 милиони муслимани, како и дека бројот на муслиманите во САД ја надминал цифрата од пет милиони.
Според Извештајот се предвидува дека муслиманите до 2030 година ќе сочинуваат осум отсто од вкупното население на Европа, како и 2,1 отсто од населението на САД. Освен тоа, се очекува до 2030 година најмалку 79 земји во светот да имаат милионска муслиманска популација.