İdris Okuducu
30 Мај 2016•Ажурирај: 31 Мај 2016
АНБАР (АА) - Во осмиот ден од акцијата за ослободување на Фалуџа, ирачките сили од три страни успеаа да ја пробијат линијата на терористите на ДАЕШ и да влезат во градот во кој моментално се водат жестоки борби, јавува Anadolu Agency (AA).
Ирачките сили составени од војската, полицијата, шиитската милиција и сунитските племенски сили на 23-ти мај започнаа операција за ослободување на градот Фалуџа кој од летото 2014 година го контролираат терористите на ДАЕШ.
„Рано утринава здружени ирачки сили успеаа да влезат во Фалуџа и тоа од три страни. Моментално продолжува продорот кон центарот на градот од југ, исток и север”, изјави за АА Раџи Баракат, член на Комисијата за безбедност во регионалниот парламент на Анбар.
Истакнувајќи дека терористите поради губење на трите „бедеми” на влезовите во градот, покренале напади со автомобили наполнети со експлозив, Баракат истакна дека терористите моментално се обидуваат со артилериски оган да го спречат навлегувањето на ирачките сили за кои голема опасност претставуваат и минските полиња кои терористите ги поставиле претходно.
Операцијата на ирачките воздушни сили врз упориштата на ДАЕШ ги поддржуваат и силите на коалицијата предводена од САД, а над стотина семејства од Фалуџа изминативе денови го напуштија градот и се згрижени во кампови контролирани од страна на ирачките сили, на северот на Анбар.