Islam Doğru
08 Јуни 2021•Ажурирај: 09 Јуни 2021
ТОРОНТО (АА) - Постои сомневање дека е можно нападот што возачот на минибус го изврши влетувајќи со своето возило во пешаците на тротоарот во градот Лондон, во канадската покраина Онтарио, да е извршен поради исламофобични побуди, јавува Агенција Анадолија (АА).
Стив Вилијамс, шефот на лондонската полиција во покраината Онтарио, одржа прес-конференција во врска со инцидентот што се случи синоќа. За овој немил настан во кој животот го загубија 4 лица од исто семејство, а едно дете е потешко повредено, Вилијамс изјави: „Се сомневаме дека жртвите на овој напад биле цел поради нивното исламско верување.“
Истакнувајќи дека нападот го сметаат за намерен чин, Вилијамс ја опиша смртта на четирите члена од исто семејство како голема загуба и ги повика сите граѓани кои имаат какви било информации во врска со нападот, да им се обратат на надлежните.
- „Ова е терористички напад насочен кон Канада“ -
Со писмено соопштение се обрати Националниот совет на муслиманите во Канада (NCCM), една од водечките муслимански невладини организации во земјата, во кое се вели дека се згрозени од застрашувачкиот напад врз муслиманското семејство и повикаа на спроведување на правдата.
„Според тврдењата, еден човек седнал во своето возило, движејќи се видел како едно муслиманско семејство пешачи по улицата и одлучил дека тие не заслужуваат да живеат. Тој не ги познаваше. Ова е терористички напад насочен кон Канада и треба да се третира како таков. Ја повикуваме Владата судски да го гони напаѓачот со најголеми казни што ги дозволува законот, вклучувајќи ја и опцијата за обвиненија за тероризам“, вели претседателот на Националниот совет на муслиманите во Канада (NCCM), Мустафа Фарук.
Потсетувајќи на нападот во џамијата во Квебек Сити во 2017 година, во кој беа убиени 6, а ранети 5 лица, Фарук изјави дека на муслиманите во Канада им е познато исламофобичното насилство и додаде: „Загубата на ова семејство поради исламофобијата ќе биде длабока болка што ќе трае долго. Но, оваа тага, оваа болка нека биде основа за нашиот став дека сме за правда и промени.“
- Загинаа 4 лица од исто семејство -
Во градот Лондон во канадската покраина Онтарио, синоќа возач на минибус, управувајќи со своето возило влета во пешаци на тротоар, предизвикувајќи смрт на 4 лица од исто семејство, меѓу кои и едно девојче на 15-годишна возраст, а сериозно повреди 9-годишно момче.
Возачот, по име Натаниел Велтман, за кого се тврди дека е на 20-годишна возраст, бил фатен и приведен на Булеварот „Черихил“, што се наоѓа на оддалеченост од околу 6 километри од местото каде што се случил инцидентот.
Велтман денес е изведен пред суд, и против него е подигнато обвинение за 4 убиства и еден обид за убиство, со можност на судскиот случај да му се додаде обвинение за тероризам.