Atila Altuntaş
24 Декември 2019•Ажурирај: 25 Декември 2019
СТОКХОЛМ (АА) - Исламскиот културен центар во Шведска прими писмо со заканувачка содржина во кое се наведува дека во наредните 26 дена во џамиите и околу нив ќе бидат извршени убиства, јавува Агенција Анадолија (AA).
Писмото пристигнало на адреса на Исламскиот културен центар во Тролхатан кај Гетеборг, а поради безбедносни причини Центарот ја прекина програмата за едукација на деца.
„Напуштете ја Шведска, децата ќе ви умрат“, е уште една од заканувачките пораки од писмото кое предизвика страв меѓу вработените и корисниците на услугите на Исламскиот центар.
Директорот на Исламскиот центар, Шади Мансур, за шведските медиуми изјави дека заканите мора сериозно да се сфатат и побара од полицијата да ги заштити муслиманите.
„Ние во текот на намазот се насочуваме кон Мека и извршуваме молитва. Во тие моменти не можеме да се штитиме, туку само можеме да ја затвориме вратата. Полицијата мора да нè заштити“, порача Мансур.
Полицискиот комесар Рикард Фремарк изјави дека истрагата е во тек и дека е рано за давање какви било коментари.