Dildar Baykan
24 Декември 2019•Ажурирај: 25 Декември 2019
ВАШИНГТОН (АА) – Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп била против предлог-резолуцијата за воведување санкции кон Турција за набавката на „С-400“ од Русија и до сенаторите испратила допис за тоа, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Порталот за вести „Дејли бист“ („Daily Beast“) со седиште во САД успеа да дојде до дописот од 7 страници, кој Стејт департментот го испратил до сенаторите во врска со санкциите што се предвидени за Турција поради набавката на „С-400“ од Русија.
Во дописот администрацијата на Трамп истакнува дека во случај предлог-законот да стапи во сила целосно ќе биде прекината трговијата меѓу Турција и САД во областа на одбраната.
„Со таков закон односите меѓу Турција и Русија ќе се продлабочат или пак, Турција за набавка на оружје ќе се ориентира на ’други непријателски снабдувачи на оружје‘“, се истакнува во дописот и се додава: „Овој закон, исто така, делува како Турција да е исклучена од НАТО.“
- „НАТО е посилен со Турција, која 70 години е членка во Алијансата“ -
Од друга страна, во изјавата за порталот за вести „Дејли бист“ („Daily Beast“) претставник од американскиот Стејт департмент, истакнувајќи дека администрацијата на САД сака да ги задржи силните односи со НАТО, рече: „НАТО е посилен со Турција, која 70 години е членка. Турција дава значајни придонеси за колективната безбедност на НАТО.“
Тој, исто така, додаде дека САД сè уште се загрижени поради набавката на „С-400“ од страна на Турција.
- Американската администрација се спротивставува и на издавањето „специјална виза“ за припадниците на ЈПГ и СДГ -
Исто така, во дописот од 7 страници се истакнува дека администрацијата на Трамп се спротивставува и на издавањето „специјални имиграциски визи“ на терористите на ЈПГ и СДГ.
Во дописот тие се нарекуваат „курдски борци кои се борат заедно со американските војници“ во Сирија.
„Специјалната имиграциска виза“ претходно беше издавана на преведувачите, кои им помагаат на американските војници во Ирак и Авганистан.
- Предлог-закон за санкции кон Турција -
Комитетот за надворешни односи на американскиот Сенат на 11 декември го одобри нацрт-законот за санкции кон Турција поради набавката на „С-400“ од Русија и поради чекорите што ги презеде во Сирија.
Уште еден нацрт-закон со кој се предвидува воведување санкции кон Турција беше усвоен во Претставничкиот дом на 29 октомври.
Според нацрт-законот, САД би вовеле санкции кон Турција заради купувањето на рускиот одбранбен систем С-400 и ќе ја блокираат продажбата на воените авиони Ф-16 или Ф-35, вклучително и нивни делови, за Анкара, НАТО-сојузник, се вели од порталот.