Fatma Esma Arslan
08 Јуни 2016•Ажурирај: 09 Јуни 2016
ПАРИЗ (АА) - Истражувачкиот центар Пју ги објави резултатите од истражувањето за тоа како жителите од десет земји членки на Европската унија гледаат на Унијата, а според кои најпозитивно мислење за Унијата имаат Полјаците, додека Грците имаат најнегативен став, јавува Anadolu Agency (AA).
Студијата беше спроведена врз основа на интервјуа со повеќе од илјада испитаници во Франција, Германија, Грција, Полска, Холандија, Унгарија, Италија, Шведска, Шпанија и Велика Британија, што е особено интересна поради фактот што Британците за две недели ќе излезат на референдум за да се изјаснат за останување или напуштање на Унијата.
Најголемо негативно мислење за Eвропската унија имаат државјаните на Грција. Само 27 отсто од испитаниците во земјата имаат позитивно мислење за ЕУ. Французите имаат поголемо негативно мислење за Унијата, а 38 отсто од анкетираните Французи имаат позитивен став кон ЕУ.
Од друга страна, Полјаците имаат најголемо позитивно мислење за ЕУ. Рекордни 72 проценти од испитаниците во земјата се изјасниле позитивно за Унијата. Следуваат Унгарците со 61 отсто позитивно мислење.
Во рамките на истото истражување испитаниците беа прашани за мислење во врска со престојниот референдум во Велика Британија. Отцепувањето на Велика Британија од Унијата како „добар потег” го оценуваат 32 отсто од испитаниците во Франција, додека испитаниците во останатите осум држави во уште помал процент дадоа позитивна оценка.
Во Италија 23 отсто а во Холандија 17 проценти од испитаниците се изјасниле дека излегувањето на Велика Британија од Европската унија е добар чекор.