Ahmet Gençtürk
21 Мај 2025•Ажурирај: 22 Мај 2025
АТИНА (АА) - Италија денес го обнови својот повик до Израел да ги запре нападите врз Газа и да дозволи хуманитарна помош во опколената палестинска енклава, јавува Анадолу.
„Уште еднаш го повикав Израел да ги запре воените операции во кои се вклучени цивили и веднаш да ги отвори сите премини за да се овозможи влез на хуманитарна помош“, напиша министерот за надворешни работи Антонио Тајани на социјалната мрежа Х.
„Сакаме прекин на огнот и ослободување на заложниците: војната во Газа мора да заврши“, рече тој.
Тајани, исто така, објави дека 52 Палестинци, роднини на оние кои беа евакуирани од Газа во Италија на медицински третман, се префрлени во Јордан.
„Тие на крајот ќе бидат донесени во Италија“, додаде Тајани.
Во изминатите неколку дена, израелската Армија ги интензивираше воздушните напади врз Газа, при што загинаа повеќе од 500 Палестинци, а стотици други беа повредени.
Отфрлајќи ги меѓународните повици за прекин на огнот, израелската Армија спроведува брутална офанзива против Газа од октомври 2023 година, при што се убиени речиси 53.600 Палестинци, повеќето од нив жени и деца.
Минатиот ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел, исто така, се соочува со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради својата војна во енклавата.