Barış Seçkin
13 Ноември 2024•Ажурирај: 14 Ноември 2024
РИМ (АА) - Обилните врнежи ги зафатија јужните делови на Италија, предизвикувајќи поплави на островот Сицилија, известува Анадолу.
Силниот дожд, кој почна на 11 ноември, негативно влијае врз животот на луѓето во градот Катанија, на истокот на Сицилија, како и на неговата околина, објавија националните медиуми.
Реките се излеаја во регионите Џаре, Ачиреале и Лингваглоса, а на некои места водените буици ги однесоа автомобилите во море.
Некои автомобили останаа заглавени во калта, а поплавените улици и патишта се претворија во реки. Противпожарните служби извршија акција за спасување на поголем број лица што се нашле во тешка ситуација во споменатите населени места.
Единицата за цивилна заштита при Кабинетот на премиерот утринава издаде „црвено“ предупредување поради интензивниот дожд што го зафати источниот брег на Сицилија, предупредувајќи ги граѓаните да бидат внимателни во наредниот период.
Градоначалникот на Катанија, Енрико Тарантино, денес донесе одлука да ја прекине наставата во училиштата поради обилните врнежи од дожд. Училиштата се затворени и во градот Сиракуза поради неповолните временски услови.
Медиумите во Италија објавија дека паднал првиот снег на активниот вулкан Етна во близина на Катанија.