Barış Seçkin
07 Април 2020•Ажурирај: 07 Април 2020
РИМ (АА) - Премиерот на Италија, Џузепе Конте, најави нов пакет од 400 милијарди евра за економијата, во борбата против влијанието на епидемијата од новиот вид коронавирус Ковид-19, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Премиерот Конте, министерот за економија Роберто Гуалтиери и министерот за економски развој, Стефано Патуанели, одржаа заедничка прес-конференција на која ги споделија деталите за новиот пакет за финансиска поддршка на бизнис-секторот.
„Обезбедуваме 400 милијарди евра за малите, средните и големите италијански бизниси. 200 од нив ќе бидат за домашниот пазар и 200 за извозот. Ова е важна поддршка. Не се сеќавам на ваква интервенција во минатото“, нагласи италијанскиот премиер.
Конте истакна дека со денешниот пакет и со претходниот економски пакет од 350 милијарди евра, вкупно на бизнис-секторот во Италија ќе му се помогне со 750 милијарди евра.
Истакнувајќи дека подготвиле пакет еквивалентен на половина од бруто домашниот производ, Конте рече: „Усвоивме многу ефикасна алатка за заштита на сите компании што се стратешки важни.“
Тој нагласи и дека некои даночни плаќања ќе бидат суспендирани во април и мај.
„Јас сум против активирањето на Европскиот механизам за стабилност (ESM). Но секако дека сум за еврообврзница (коронаобврзница). Активирањето на Европскиот механизам за стабилност (ESM) не е најдобра алатка. Вистинско решение е еврообврзницата. Тоа е најсериозниот и најефикасниот одговор во овој процес низ кој поминуваме“, порача Конте.