Ekipa
28 Август 2016•Ажурирај: 29 Август 2016
РИМ (АА) - Италијанските државни музеи од денес ќе ги донираат своите приходи, за помош и обнова на подрачјата разорени во земјотресот, во кој загина 291 лице, а повеќе стотини беа повредени, пренесува Anadolu Agency (AA).
Земјотресот со магнитуда од 6,2 степени, кој во средата наутро ги срамни со земја трите средновековни градови во централна Италија, не уништи само приватни куќи, туку и цркви и други кулутурни споменици стари со векови.
Идејата на музеите е да ја искористат уметноста за уметноста, со цел богатотото уметничко наследство на оваа нација да се искористи за обнова на другите вредни објекти во градовите разрушени од потресот.
Дарио Франческини, министерот за култура, побара од Италијанците да ги посетат музеите во знак на солидарност со луѓето погодени од земјотресот. Апелот се појави и на социјалната мрежа Твитер под хаштагот #museums4italy.
Оваа акција е една од неколкуте акции кои се покренати со цел да се помогне во обновата на девастираните градови.
Централниот регион на Апенинскиот Полуостров низ историјата доживеа неколку сериозни земјотреси. Во еден таков земјотрес со магнитуда од 6,3 степени, кој се случи во 2009 година кај градот Л’Аквила, загинаа најмалку 295 лица, повредени беа над илјада лица, а 55.000 останаа без покрив над главата.