ЊУЈОРК (АА)
Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) се состана на итна седница по експлозијата на комуникациските уреди во Либан, известува Анадолу.
На седницата што ја побара Алжир, беше дадено предупредување од опасноста дека нападите врз Либан можат да предизвикаат регионална војна.
Заменик-генералната секретарка на ОН за политички прашања, Розмари Ди Карло истакна:
„Многу е сериозен ризикот од ширење на спиралата на насилство и претставува голема закана за стабилноста на Либан, Израел и целиот регион.“
- Специјалниот координатор на ОН за Либан ќе оди во Израел
Ди Карло рече дека е загрижувачка зголемената тензија на Сината линија по нападите со експлодирање на комуникациски уреди во Либан на 17 и 18 септември и додаде дека специјалниот координатор на ОН за Либан, Жанин Хенис-Плашерт, следната недела ќе отпатува на консултации во Израел.
Потсетувајќи дека генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш е исто така загрижен од зголемениот ризик и упатил повик на умереност од сите страни, Ди Карло продолжи со зборовите:
„Ги повикувам земјите кои имаат влијание врз страните да го искористат ова.“
Предупредувајќи дека ако сегашниот тек не се спречи, болката и уништувањето што следуваат ќе бидат многу поголеми од денешните, Ди Карло додаде:
„Не е доцна да се запре ова лудило. Сѐ уште има простор за дипломатија и тоа треба да се искористи без одлагање.“
- „САД немаат никаква улога во овие настани“
Напоменувајќи дека додека не се утврдуваат деталите за нападите, сите страни треба да избегнуваат акции што ќе го вовлечат регионот во страшна војна, заменик постојаниот претставник на Соединетите Американски Држави (САД) во ОН, Роберт Вуд истакна: „САД немаат никаква улога во овие настани“.
Посочувајќи дека Советот за безбедност на ОН не треба да го игнорира потеклото на конфликтот меѓу Израел и Хезболах, Вуд рече дека Тел Авив има право да се брани од напад на Хезболах поддржан од Иран.
Вуд рече дека САД сè уште веруваат дека е можно дипломатско решение.
- „Нападите се воено злосторство“
Постојаниот претставник на Алжир во ОН, Амар Бенџама, рече дека неговата земја целосно се солидаризира со Либан во овие тешки моменти.
„Нападите за кои станува збор се воени злосторства“, нагласи Бенџама и додаде дека израелските напади создаваат страв меѓу цивилите и ги таргетираат густо населените области.
„Претворањето на цивилните уреди во бомби е огромна закана и ја отвора опасната Пандорина кутија“, предупреди Бенџама.
Посочувајќи дека нападите уследиле по сеопфатните воени закани од страна на израелските официјални лица кон Либан, Бенџама рече дека тие се јасен показател дека Израел не сака мир.
- „Го повикуваме Израел да се ослободи од опсесијата на користење прекумерно насилство“
Постојаниот претставник на Кина во ОН, Фу Конг, ги повика сите страни на максимална воздржаност.
„Го повикуваме Израел да се ослободи од опсесијата на користење екстремно насилство“, рече Фу, нагласувајќи дека Израел треба да ги прекине нападите врз Појасот Газа и Либан.
Фу истакна дека израелскиот „авантуризам“ го вовлекува регионот во страшна катастрофа и побара од земјите кои имаат влијание врз Тел Авив да преземат конкретни чекори.
- „Причината за нападите е лажната дипломатија на американската администрација“
Постојаниот претставник на Русија во ОН, Василиј Небензија, изјави дека нападите врз Либан ги сметаат за терористички напад.
„Причината за нападите е лажната дипломатија на американската администрација“, рече Небензија и додаде дека Израел се обидува „да започне нова војна на Блискиот Исток“.
Либанскиот министер за надворешни работи Абдала Бухабиб рече:
„Овие напади се без преседан во историјата на војувањето.“
Изјавувајќи дека Израел по нападот издал соопштение на социјалните мрежи, а подоцна го избришал, Бухабиб додаде:
„Со овој терористички напад Израел ги прекрши најосновните принципи на меѓународното хуманитарно право.“
Бухабиб нагласи дека Израел продолжува со прекршувања бидејќи никогаш не морал да одговара за своите злосторства.
„Израел не може да опстане на истокот без да постигне мир со луѓето во регионот. Тоа ќе се случи така што на палестинскиот народ ќе му ги даде легитимните права и државата ветена од оваа организација пред 75 години“, порача Бухабиб.
Тој истакна дека доколку Советот за безбедност не го принуди Израел да ги прекине своите напади, ќе дојде до „многу голема експлозија“.
Наведувајќи дека оваа експлозија ќе влијае и на Истокот и на Западот и ќе го врати целиот свет во средниот век, Бухабиб го даде следниот заклучол:
„Пред вас има војна, а одлуките на Советот за безбедност се во ваши фиоки. Изборот е ваш. Мора да изберете помеѓу мир или оган.“